• сабота, 23 ноември 2024

Алармантни повици стигаат до Владата, институциите под ингеренции на Град Скопје да си ја вршат работата за што се платени, изјави Мицкоски

Алармантни повици стигаат до Владата, институциите под ингеренции на Град Скопје да си ја вршат работата за што се платени, изјави Мицкоски

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски попладнево изјави дека алармантни повици пристигнувале до Владата во врска со институции под ингеренции на Градот Скопје. Тој ги повика да си ја вршат работата за што се платени, оти, инаку, ќе се разгледаат можностите за одземање на тие ингеренции. Според него, тоа што денеска се случува во Скопје, не личи на земја што е во НАТО и што е кандидат за членка на Европската Унија.

- Алармантна е состојбата. Алармантните повици стигаат до Владата. Го слушаме гласот на скопјани. Од тоа што можам да кажам сега за сега, ова е повик до институциите што се под ингеренции на Градот Скопје, да си ја вршат работата за што се платени. Во спротивно, ќе мораме сериозно да ги разгледаме можностите за одземање на тие ингеренции и да можеме како Влада да се справиме со тоа што денеска се случува. Јавниот градски превоз, хигиената за што претходно зборував и така натаму, рече тој, одговарајќи на новинарски прашања, по надзорот на градежните активности за доградба и надоградба на детската градинка „Срничка“ на објектот „Изворче“ во општина Аеродром.

Тој рече и дека можеби треба да се размисли за идејата, секоја од општините да добие право да формира свое комунално претпријатие, па да ги наследи основните средства од ЈП „Комунална хигиена“ и слично.

- Има неколу пристапи што може да дадат резултат и ги разгледуваме, додаде Мицкоски.

Тој кажа дека Владата ги плаќа ратите за автобусите на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Според него, тоа што денеска се случува во Скопје, не личи на земја што е во НАТО и што е кандидат за членка на Европската Унија.

- Тоа се случи, да не успее Градот Скопје навремено да ја плати ратата што беше како дел од обврските за набавка на автобуси во минатото. Таа е во висина од нешто над 50-ина милиони денари основен долг. Основниот долг е некаде околу 42-43 милиони денари, другото се камата. Министерството за финансии, односно министерката, ме информираше после неколку ургенции и немање одговор од страна на Градот, нормално, по ургенција на доверителот, на банката, мораше да преземе чекор и да го плати долгот на Градот Скопје, бидејќи тие не успеаја тоа да го направат. Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада, да направиме и некои дополнителни чекори за друг тип ингеренции и обврски што ги има Градот Скопје, а што гледаме дека не ги извршува навремено, посочи премиерот, појаснувајќи дека ова особено се однесува во делот на хигиената.

Нагласи дека граѓаните секојдневно реагирале до Владата и најави оти ова прашање ќе го отвори на следната седница. Ги повика надлежните во „Комунална хигиена“ во градот Скопје да работат за тоа што се платени, за што ги плаќаат граѓаните.

-Се надевам дека со домаќинско работење во периодот што следи, ако воопшто можат тоа официјалните да го направат, ќе можат да си ги сервисираат обврските во периодот што следи и повикувам и апелирам, да се работи за интересот на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат, настрана политичките тези, политичките фрустрации од едната или другата или од третата или од петта страна, тоа не е битно, граѓаните не ги интересира тоа. И ако видиме дека во оваа недела дена нема прогрес поврзан со ова прашање, на следната владина седница планирам отворено да зборувам и да одиме чекор понатаму она што е обврска на народна влада да го направи, а тоа е да дејствува во името на повиците коишто ги добиваме на дневна основа од скопјани, смета Мицкоски. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан