Акција за пошумување во Кокино на претходно опожарена површина
- Последниов период беа пошумени преку 51 хектари и засадени се преку 105.000 садници. Во акциите учествуваа волонтери, здруженија на граѓани, општествено одговорни компании кои придонесоа за пошумувањето на овој дел од Старо Нагоричане ој беше зафатен со пожар во 2021 година.
Куманово, 6 декември 2024 (МИА) - Заврши акцијата за пошумување на опожарената површина над Кокино, општина Старо Нагоричане, соопштија денеска надлежните од ЈП „Национални Шуми“.
Последниов период беа пошумени преку 51 хектари и засадени се преку 105.000 садници. Во акциите учествуваа волонтери, здруженија на граѓани, општествено одговорни компании кои придонесоа за пошумувањето на овој дел од Старо Нагоричане ој беше зафатен со пожар во 2021 година.
Надлежните се задоволни од одзивот на сите инволвирани чинители. Пошумувањето се спроведува под надзор на вработените од подружниците од Куманово, Крива Паланка, Кратово, денеска се приклучиле вработените од дирекцијата од Скопје и „Караџица“, Велес …
- Задоволни сме од акциите, најмладите активно беа вклучени во овој процес. Изминатите недели се вклучија сите чинители и презадоволен сум, честопати бев на терен и одблизу ја следев акцијата. На дневна основа беа инволвирани над сто луѓе, имавме денови со ангажирани над 300 луѓе, огромна бројка. Безмалку секојдневно беа присутни војниците од Армијата на Република Македонија, планинари, најмладите „Боренка“ со извидниците кои завршија огромна работа оваа година. Денеска беа претставници од администрацијата на Куманово и Старо Нагоричане, од политички партии, општествено одговорни фирми, сериозно големи фирми и раководниот кадар. Морам да се заблагодарам на присуството на австрискиот амбасадор, Мартин Памер што беше присутни, како и претставници од МЗШВ. Учеството на компаниите претставува иницјална каписла која во иднина ќе придонесе да се зголеми бројот на компании кои на овој начин ќе ја покажат својата општествена одговорност, изјави заменик-генералниот директор на ЈП „Национални Шуми“, Кире Михаилов.
Раководител-директор на кумановската подружница, Катица Ристовска рече дека на локацијата се садат автохтони сорти, црн и бел бор.
Пожарот во Кокино избувна на Илинден 2021 година, беше зафатена огромна површина на високо квалитетна шума. ам/дма/
Фото: ФБ ЈП Национални Шуми