• четврток, 26 декември 2024

Акција за засадување дрвја на над 100 локации во Скопје

Акција за засадување дрвја на над 100 локации во Скопје

Скпје, 18 октомври 2023 (МИА) - Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска најави голема акција за уредување на градското зеленило, во која ќе се засадуваат нови дрвја на над 100 локации во градот.

Како што соопшти Град Скопје, во акцијата се отстрануваат старите и исушени дрвја и садници, а на нивно место се засадуваат нови дрвја. Паралелно се отпочнува акција за кастрење во сите делови на Скопје, со што се овозможува непречено движење на пешаците и велосипедистите по патеките, се превенира пад на суви гранки и се обезбедува поголема прегледност на сообраќајната сигнализација, со што се зголемува  безбедноста на сите учесници во сообраќајот. 

-Детектиравме нереализирани решенија дури од 2010 година за кастрење суви дрвја и гранки по пријави на граѓани и институции, затоа отпочнуваме со голема акција за уредување на градското зеленило со садење нови дрвја, кроење на крошните со што градското зеленило добива уреден лик и отстранување на сувите дрвја и садници. Согласно со затекнатата состојба, на градските улици и булевари во изминатите 10 години не биле кастрени околу 2.000 дрвја согласно доставени барања, а севкупно во градското зеленило над 5500. Со реализацијата на овие активности се обидуваме системски да ги решаваме наталожените проблеми и ги исполнуваме барањата на граѓаните кои се надополнување на заедничките заложби за зелен и чист град, со уредено градско зеленило, истакна Арсовска. 

По налог на Град Скопје, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ отпочнаа и со акција за засадување нови дрвја секаде каде во изминатите години биле исечени и отстранети. Како што најави Град Скопје, активностите за кастрење и одржување на градското зеленило продолжуваат интензивно и континуирано во сите делови на главниот град. хс/нд/

Фото: Град Скопје 

 

 

Остани поврзан