• четврток, 26 декември 2024

Активисти и спортски риболовци алармираат за состојбата со охридската пастрмка

Активисти и спортски риболовци алармираат за состојбата со охридската пастрмка
Охрид, 20 јули 2022 (МИА) - Со поставување стари рибарски мрежи и силуети на фотографии од пастрмки, како и пораки во облик на риби за заштита на охридската пастрмка, денеска група активисти и спортски риболовци алармираа за состојбата со оваа ендемична риба во водите на Охридското Езеро. - Акцијата „Крикот на охридската пастрмка“ беше спроведена на пет места во Охрид и се надеваме дека на овој начин ќе ги испровоцираме надлежните поефикасно и поревносно да се зафатат со решавање на овој проблем. Поради немање концесија, но и поради низа бирократски бариери веќе неколку години не се врши вештачки мрест и порибување од македонската страна на езерото, додека бројките со кои се порибува албанската страна на езерото се минимални, соопштија организаторите. Според нив, охридската пастрмка се нуди во сите ресторани околу езерото, под тезга, во рибарниците, а постојат и таканерачени „агенти“ кои вршат достава на пастрмка до дома иако Охридското Езеро нема концесионер повеќе години, а ловот е строго забранет. - Криволовот, односно рибокрадството со години има енормни размери, што доведува до десеткување на популацијата на пастрмката. Се почесто се ловат, односно криволоват риби неколкукратно помали од законските мерки за минимална големина на пастмка, односно единки кои воопшто не успеваат да достигнат репродуктивна зрелост, туку илегално завршуваат на трпеза. Најдобар пример за состојбите со популацијата на пастрмката може да се види од една акција на Државниот инспекторат за земјоделство, при која се одземени мрежи со улов од околу 140 пастрмки, кои заедно тежеле само 33 килограми, односно во просек по околу 400 грама, што е далеку под минималната мерка и далеку од репродуктивната зрелост на рибите, велат организаторите. На пораките оставени можеше да се прочита дека „купувањето охридска пастрмка е соучесништво во нејзиното истребување“, „охридската пастрмка е загрозен вид и ловот е строго забранет“, „не постои легално уловена охридска пастрмка во Македонија, бидејќи е трајна забрана за лов на пастрмка и белвица“, „купувајќи и консумирајќи охридска пастрмка и белвица директно го поддржувате рибокрадството и нивното уништување“, „Езеро без концесија – село без кучиња“, „Не биди рибокрадец! Не барај охридска пастрмка и белвица“... сс/рп/

Остани поврзан