• четврток, 26 декември 2024

Аксиос: Напредуваат преговорите за примирје меѓу Израел и Хезболах

Аксиос: Напредуваат преговорите за примирје меѓу Израел и Хезболах

Вашингтон, 31 октомври 2024 (МИА) - Преговорите за примирје меѓу Израел и Хезболах постигнаа значителен напредок во последните 24 часа, но администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се уште не постигнала конечен договор со ниту една страна, објави денеска порталот Аксиос, повикувајќи се на двајца американски претставници.

Како што е наведено, договорот за примирје може да стави крај на конфликтот меѓу Израел и Хезболах и значително да ја деескалира регионалната војна на Блискиот Исток.

Американски функционер рече дека посетата на советникот на Бајден, Амос Хохштајн, на Бејрут минатата недела придонела за напредок во преговорите.

Хохштајн во средата отпатува за Израел заедно со советникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Брет Мекгурк.

Пред заминување разговарал со либанскиот премиер Наџиб Микати, кој изјави дека Хохштајн рекол дека „ситуацијата денес е подобра од вчера“. Микати се надева дека ќе се постигне примирје во наредните часови или денови и очекува Хохштајн да се врати во Бејрут до крајот на неделата.

Израелскиот јавен сервис Кан објави нацрт на договорот за прекин на огнот од 26 октомври. Во нацрт-договорот се наведува обврската на Израел и либанската влада да преземат чекори кон целосна имплементација на резолуцијата 1701 на ОН, со која заврши војната во Либан во 2006 година. Договорот предвидува дека либанската армија и УНИФИЛ ќе бидат единствените вооружени групи распоредени во јужен Либан, додека продажбата или снабдувањето со оружје ќе биде дозволено само на либанската армија. Во текот на 60-дневниот период на спроведување, либанската армија треба да ја отстрани сета воена инфраструктура што не е под контрола на Владата на Либан. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан