• недела, 28 јули 2024

Академик Ферид Мухиќ, прв добитник на наградата „Константин Филозоф“ за животно дело

Академик Ферид Мухиќ, прв добитник на наградата „Константин Филозоф“ за животно дело

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) - Академик Ферид Мухиќ е добитник на наградата „Константин Филозоф“ за животно дело за 2023 година, која годинава првпат се доделува од Филозофското друштво на Македонија. Наградата официјално ќе му биде доделена на 16 ноември, во Свечената сала на Филозофскиот факултет, на 20-то одбележување на Светскиот ден на филозофијата.

Одлуката за доделување на наградата на Мухиќ, ја донесе жирито, во состав Мирко Ѓошевски, Денко Скаловски и Сузана Симоновска и тоа  едногласно.

Во своето образложение Комисијата, меѓу другото вели, дека академик Мухиќ има добиено бројни признанија во државата и странство.

- За него и неговите дела досега е пишувано, се пишува и ќе се пишува од автори со авторитет и перо. А треба да се има на ум дека квалитативната анализа на опусот на Ферид Мухиќ не е ни малку лесен и едноставен потфат. Станува збор за автор кој е филозоф научник, филозоф поет и писател, филозоф учител и утешител, се вели во образложението на Комисијата за доделување на наградата за живото дело. 

Ферид Мухиќ (1943) е еден од доајените на македонската филозофска мисла. Магистрира и докторира на Универзитетот во Белград, а целиот свој својот работен век го поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје каде што предава голем број предмети. Под негово менторство се одбранети десетици дипломски, магистерски и докторски трудови од областа на филозофијата. Бил визитинг професор на повеќе универзитети ширум светот, како што се Државниот универзитет на Флорида, Универзитетот Сиракуза во Њујорк, Универзитетот Сорбона 8 во Париз, Меѓународниот институт за исламска мисла и цивилизација од Куала Лумпур и други. Член е на две академии: Бошњачката академија на науките и уметностите (БАНУ), на која и е прв претседател, како и на Европската академија на науки и уметности. Има објавено импозантен број трудови од сферата на филозофијата и на книжевноста, а најзначајните филозофски дела му се од областа на историјата на филозофијата, особено современата филозофија. Застапен е во голем број филозофски и книжевни антологии во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Малезија итн. Преведуван е на англиски, арапски, германски, турски, албански, италијански и други јазици.

Филозофското друштво на Македонија годинава ги востанови наградите „Константин Философ“ во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март 2023 год., а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври. ир/са/

 

Фото: Филозофско друштво на Македонија

 

Остани поврзан