• вторник, 20 јануари 2026

Академик Панче Наумов стана член на Европската академија на науките

Академик Панче Наумов стана член на Европската академија на науките

Штип, 16 јануари 2026 (МИА) – Академик Панче Наумов стана полноправен член на Европската академија на науките (European Academy of Sciences), и тоа во Одделението за хемија. Наумов за МИА вели за членство во Европската академија на науките бил номиниран од минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за хемија, Омар Јаги, професор на Универзитетот „Нортвестерн“ во САД, а неговата номинација била поддржана од научници од Франција и Финска. Тој за МИА изјави дека убавата вест му е соопштена вчера, а церемонијата за негово пристапување во Европската академија на науките ќе се одржи оваа година во Брисел.

Наумов е роден во Штип, во моментот е универзитетски професор на универзитетите „Њујорк“ и „Њујорк Абу Даби“. Тој веќе е член на две други академии на науките - надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и полноправен член на Националната академија на Обединетите Арапски Емирати. Исто така, е Редклиф визитинг-професор на Универзитетот „Харвард“ во САД. Наумов е македонски истакнат хемичар и научник по потекло од Штип, кој со години работи во странство. По завршувањето на студиите по хемија на Институтот за хемија при ПМФ, со спонзорство од јапонската влада, Наумов се запишува на докторски студии во Токио, Јапонија, каде што докторирал во 2004 година на хемија и наука за материјалите. По докторирањето, работел во јапонскиот Институт за наука за материјалите, а потоа и во универзитети во Осака и Кјото. Во 2012 година преминува на Универзитетот „Њујорк“, каде што сега работи во нивните кампуси во Њујорк и Абу Даби. Пред четири години Наумов оформил и Центар за паметни материјали, чиј директор е сега. Академик Наумов има објавено над 300 научни труда, кои се цитирани повеќе од 17.000 пати. Во неговата биографија и сè што досега има направено стои и дека е придружен член на Американското хемиско друштво (American Chemical Society) и на Кралското хемиско друштво (The Royal Society of Chemistry).

Статистиките покажуваат дека лабораториите со кои раководи Наумов се водечки во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде што неговата група, според порталот Nature Index, продуцира помеѓи 40 и 60 отсто од сите научни трудови објавени во списанија со висок фактор на влијание (импакт-фактор) секоја година, со што Наумов се позиционира како водечки научник во ОАЕ. За своите истражувања Наумов има одржано над 400 предавања на научни конференции и над 100 предавања по покана. Наумов бил ментор на повеќе од 60 студенти, а бил рецензент на повеќе од 100 научни списанија. Тој е член на научните одбори на неколку списанија, помеѓу кои би го истакнале Списанието на Американското хемиско друштво (Journal of the American Chemical Society), каде што е единствен уредник од Југоисточна Европа, Средниот Исток и Африка, кое се издава од 1879 година. Бил или е член на научните меѓународни одбори на списанијата „Општа хемија“ (Angewandte Chemie), кое го издава Германското хемиско друштво „Хемија - Европско списание“ (Chemistry - A European Journal), кое го издаваат 16 европски хемиски друштва од 15 држави, како и „Хемија - Азиско списание“ (Chemistry - an Asian Journal), кое го издаваат хемиски друштва од Азија. Д-р Наумов бил и гостин уредник на списанието „Прилози“ на Националната академија на науките на САД (Proceedings of the National Academy of Sciences of the USA). Бил и рецензет на предлог-проекти од повеќе национални или меѓународни научни агенции.

Помеѓу другите заслуги, треба да се спомене дека д-р Наумов е основач на разгранокот на Американското хемиско друштво за Обединетите Арапски Емирати и на Друштвото за кристалографија на ОАЕ, со кое претседава од неговото формирање. Тој е и советник на Европската кристалографска заедница, како и на Интернационалната унија за кристалографија. За своите научни достигнувања Наумов има добиено многу награди, од кои би ги истакнале наградата „Александар вон Хумболт“ од Германија, специјална награда од Универзитетот од Пекинг, Кина, и златна виза за посебни заслуги за државата од Обединетите Арапски Емирати.   

Истражувањата на универтскиот професор и научник Наумов покриваат широк спектар на научни проблематики од областа на хемијата и науката за материјалите. Главна тема на неговиот научен интерес е хемијата на цврста фаза, а особено нови паметни материјали. Подетаљно, Наумов е еден од пионерите што ги имаат откриено динамичките својства на цврстите супстанции, парадигма што го менува класичното сфаќање на хемијата на цврсто тело. Неговите истражувања покажале дека кристални цврсти материјали при одредени услови може да покажуваат динамички, а не само статички својства. Ова сознание драстично ја менува нашата перцепција за материјалите. Резултатите од неговите истражувања веќе се користат во индустријата на паметни материјали, како што се флексибилни органски електронски и оптички елементи во електронската индустрија. Неговите откритија се на пат да ги заменат оптиката и елетрониката, која засега користи силициум или силициум диоксид со комплетно органски кристални материјали, кои може да се виткаат и да одговараат на надворешни вилјанија, како што се светлина, топлина, механички влијанија и слично. Резултатите на Наумов се меѓунаородно признати како револуциоерни во оригиналноста на идејата со огромни импликации за електронските и за оптичките уреди на иднината. вдј/вј/

Фото: МИА  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан