• сабота, 23 ноември 2024

Академик Беџети повика на поддршка за концепцијата за основно образование

Академик Беџети повика на поддршка за концепцијата за основно образование
Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) - Академик Абдулменаф Беџети ја оцени како многу плодна денешната дебата на членовите на Одделението за општествени науки на МАНУ и на Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ со претставници на Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието и на работната група што ја изготви концепцијата за основно образование. Беџети, како што соопшти Министерство за образование и наука, повика на поддршка на оваа иницијатива. -Ми останува да повикам на поддршка на оваа иницијатива, бидејќи знаеме колку е комплексно, колку е тешко да се влезе во ваков комплексен зафат. За поздравување е тоа што првпат, дури и при расправа за еден реформски зафат во основно образование, се повикуваат дури и институции од највисоки образовни и научни области како што се претставниците на МАНУ. Од оваа гледна точка навистина сите елементи беа разгледани, расправата беше многу плодна, конструктивна и би требало да биде проследена и од другите, изјави академик Беџети. Тој укажа дека има голем консензус во тоа дека проблемите во образованието и образовниот систем започнуваат во основно образование, а како последица ги има и во високото образование. -Се чудам дека има сé уште такви кои размислуваат со резерва и на некој начин со предрасуди за да не се влезе во почетни промени во овој дел. Не само дека тоа е законска обврска, која произлегува од веќе донесениот закон пред две години, туку е определба да не се задоцни, нагласи Беџети. За академиците, како што рече, останува да дадат конструктивен придонес за реформата да се одвива во најдобар тек. - Дури и најдолгите патишта почнуваат со првите чекори. Ова се само први чекори на влегување во еден многу тежок и комплексен систем, а Министерството, работната група и сите чинители во тој дел, на чело со Бирото за развој на образованието многу јасно ги препознаваат овие проблеми и знаат дека и решенијата не се така едноставни, туку тие се доста комплексни од сите аспекти. Почнувајќи од педагошки аспект, од ресурси, од инфраструктура и суперструктура на образование, па се до резултати на учење коишто треба да произлезат од ова, рече академик Беџети. мд/вј/  

Остани поврзан