• сабота, 23 ноември 2024

Азески на консултации кај компаниите: Бизнисот бара членство во Европската економска заедница

Азески на консултации кај компаниите: Бизнисот бара членство во Европската економска заедница

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Македонските компании бараат државата да стане членка на Европската економска заедница за да се отвори заедничкиот европски пазар кој нуди безброј можности за раст и проширување на бизнисот, што ќе повлече и напредок на македонската економија во целост, соопшти Стопанската комора. 

Ова прашање, како што информира, било отворено на работната средба на претседателот на Комората Бранко Азески со извршниот директор на компанијата „Лион“ Ристе Ристевски, реализирана при посетата на Азески на фабриката во Свети Николе.

-На состанокот, организиран во рамки на координативните средби и консултации што Азески ги има со компаниите за платформата за разговори со политичките партии пред изборниот процес, беше истакнато дека компаниите во моментов имаат побарувања за извоз, но поради многубројните административни бариери не можат да ги испорачаат сите свои производи на европскиот пазар. Од тие причини, Комората веќе има преземено активности кои се усвоени на Собранието на СКСМ, а се во насока на заедничко дејствување со останатите шест Стопански комори од регионот. Креаторите на политиките во државата треба сериозно да го земат предвид економското и пазарното учество во Европската Унија преку членството во Европската економска заедница. Тоа на компаниите ќе им овозможува бројни предности. Заедничкиот пазар овозможува пристап до големата база на потрошувачи, што значи поголема продажба на производите и услугите што ги нудат. Од друга страна тоа ќе придонесе кон зголемување на компетитивноста на секторите и учество во различни европски фондови, наведува Комората.

На состанокот станало збор и за активностите на Националниот совет за извоз, формиран од Стопанската комора, како главен механизам за јавен-приватен дијалог каде ќе се третираат сите прашања поврзани со извозот.

-Двајцата соговорници ја истакнаа и потребата од владеење на правото во државата, намалување на непродуктивните трошоци од централниот буџет, како и поголема реализација на капиталните расходи, информира Комората.

Компанијата „Лион“ од Свети Николе произведува кондиторски производи од кои 70 отсто се извезуваат во регионот, во Европа, на Блискиот исток и Медитеранот. Компанијата вработува 160 работници, а половина се инвалидни лица. мч/бак/

Фото: Стопанска комора

Остани поврзан