• недела, 24 ноември 2024

Азески во посета на рудниците „Бучим“ и „Боров дол“

Азески во посета на рудниците „Бучим“ и „Боров дол“
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески ги посети рудниците „Бучим“ и „Боров дол“, кои поради енормниот пораст на цената на електричната енергија од 1 септември 2022 година привремено прекинаа со процесот на производство, информираат од Стопанската комора.  На средбата со раководството на рудниците, Дмитриј Кудрјаков и Олег Чусовитин управители на „Бучим” и заменик управителот на „Боров дол“, Мануел Виана, се разговарало за тековната состојба поврзана со енергетската криза и проблемите со кои се соочуваат двата рудника.   Од страна на раководството на рудниците било истакнато дека доколку цената на електричната енергија биде под 250 евра за мегават час, во тој случај тие се подготвени за десетина дена повторно да го рестартираат производството и да ги вратат на работа сите работници. Во спротивно рудниците нема да почнат со производство до октомври следната година.  Претседателот на Комората Бранко Азески истакнал дека двата рудника кои влегуваат во групата на 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија и се наоѓаат на слободниот пазар, се значајни за македонската економија. Тие вработуваат вкупно 674 работници и се едни од најголемите работодавци во регионот кои придонесуваат за одржливиот економски и социјален развој на општиниКонче, Штип и Радовиш.   - Разговаравме за низа прашања коишто ги мачат, посебно во делот на цената на електричната енергија и инвестициите. Тие во последните три години инвестирале над 90 милиони евра. Во моментов се прави модернизација на производствениот процес во Бучим и изградба на фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар. Разговаравме темелно за сите отворени прашања, коишто во оваа криза можат да обезбедат предвидливост и во рамките на Македонската асоцијација за рударство, со усогласени ставови и работејќи на политики коишто ќе го одржат овој сектор. Сите предлози ќе ги пренесеме до надлежното министерство и до Владата, истакна Азески.    Од Стопанската комора известуваат дека на состанокот од страна на раководството на рудниците била споделена загриженоста од кризната состојба со енергијата, при што било нагласено дека државата има податоци за загубите на рудниците, но и за добивките што ги носат „Бучим“ и „Боров Дол“ кон државниот буџет и кое е значењето на рудниците за граѓаните и за државата.    - Ние не се откажуваме, инвестираме во два капитални проекти. Направено е максимално намалување на трошоците. Специфичната потрошувачка на електрична енергија е намалена за 13 отсто, но сепак не можеме да работиме профитабилно и покрај сите наши напори и без поддршка од владините институции нема да успееме. Покрај цената на струјата зголемени се и останатите трошоци. Неопходни се заеднички сили, со цел да опстанеме и да продолжиме да придонесуваме кон социјалниот и економскиот развој на регионот и државата, изјави Олег Чусовитин, генерален директор на Бучим. ир/сп/

Остани поврзан