• сабота, 16 ноември 2024

Азербејџан ги одложи преговорите со Ерменија, не сака Франција да учествува во нив

Азербејџан ги одложи преговорите со Ерменија, не сака Франција да учествува во нив
Баку, 25 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев денеска изјави дека неговата земја не сака Франција да учествува во мировните преговори со Ерменија, одложувајќи го состанокот договорен за 7 декември во Брисел со Емануел Макрон и шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Алиев го обвини францускиот претседател Макрон дека го „нападнал и навредил“ Азербејџан. Исто така, тој тврди оти францускиот претседател зазел непријателски став кон неговата земја, па порача дека „јасно е, под овие околности и со таков став, Франција не може да биде дел од мировниот процес меѓу Азербејџан и Ерменија“. Во септември изби конфликт меѓу двете поранешни советски републики поради деценискиот спор околу енклавата Нагорно - Карабах. Меѓународно, оваа енклава е призната како дел од Азербејџан, но, таа е со голем дел населена и под контрола на етнички Ерменци, кои имаат поддршка од Ереван. Беше договорен прекин на огнот кон крајот на септември, а минатиот месец, двете страни во Прага се согласија на границата да се воспостави цивилна мисија на Европската Унија. Алијев сега го обвинува ерменскиот премиер Никол Пашинјан за обид да ја поткопа наредната фаза од преговорите, туркајќи го Макрон како посредник. Ерменското Министерство за надворешни работи кратко објави дека сака да го задржи „Форматот од Прага“, што ги вклучува Макрон и Мишел. Исто така, се отфрлуваат обвинувањата оти Ереван сака да ги саботира мировните преговори, наведувајќи дека тоа „нема никаква врска со реалноста“. Во телефонски разговор со Пашинјан, Макрон го поддржа суверенитетот на Ерменија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Москва, што во 2020 година во тоа подрачје распореди 5.000 лица за одржување мир по шестнеделната војна, е подготвена да посредува. Но, немало конкретни планови за состанок на двајцата лидери во Москва. бд/

Остани поврзан