• среда, 25 декември 2024

Азербејџанското претседателство на КОП29 се обидува да ја намали тензијата со Франција

Азербејџанското претседателство на КОП29 се обидува да ја намали тензијата со Франција

Баку, 14 ноември 2024 (МИА) - Претседателството на Азербејџан на меѓународната климатска конференција се обидува да го смири дипломатскиот инцидент помеѓу Баку и Париз.

„Нашите врати се отворени за сите кои сакаат да учествуваат во конструктивни дискусии,“ изјави главниот преговарач на Азербејџан, Јалчин Рафијев, по откажувањето на посетата на француската министерка за климатски прашања, Ањес Пание Ринаше.

Во својот вчерашен говор пред претставниците на островските држави, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев ја осуди колонијалната историја на Франција и „злосторствата“ извршени, според него, од „режимот“ на францускиот претседател Емануел Макрон на прекуокеанските територии, особено во Нова Каледонија.

Неколку часа подоцна, француската министерка за транзиција во животната средина Ањес Пание Ринаше соопшти дека повеќе нема да присуствува на конференцијата во Баку по нападите, кои ги опиша како „неприфатливи“.

Речиси 200 земји учествуваат на климатската конференција на ОН. Улогата на земјата домаќин е да обезбеди услови за постигнување консензус врз основа на кој се носат одлуките, наведуваат француските медиуми. Францускиот претседател не присуствуваше ниту на лидерскиот самит вчера и завчера.

Заострените односи меѓу Франција и Азербејџан поврзани со поддршката на Париз за Ерменија, историски ривал на Баку, се влошија откако Азербејџан ја врати контролата врз енклавата Нагорно-Карабах по офанзивата во септември 2023 година, во која беа раселени повеќе од 100.000 Ерменци.

Европската Унија изрази солидарност со Франција и Холандија, која исто така беше нападнати од Алиев за нивните прекуокеански територии.

- Надвор од  какви било билатерални разлики, КОП 29 треба да биде форум каде сите земји се чувствуваат слободни да дојдат и да преговараат за климата“, рече денеска Јакоб Верксман, главен преговарач на Европската комисија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан