Аеромитинг кај Стенковец по повод 100 години Македонска авијација
- На спортскиот аеродром во скопски Стенковец, во сабота ќе се одржи голем Аеромитинг по повод одбележување на јубилејот „100 години Македонска авијација“, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.
Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - На спортскиот аеродром во скопски Стенковец, во сабота ќе се одржи голем аеромитинг по повод одбележување на јубилејот „100 години Македонска авијација“, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.
Како што информираат од аероклубот во Стенковец, за настанот на кој ќе присуствуваат владини претставници и гости од земјата и регионот, подготвена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.
Вратите за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот.
-Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации, најавуваат организаторите.
Освен тоа, во програмата предвидено е да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.
Влезот на аеромитингот ќе биде бесплатен за посетителите, но, бидејќи паркинг-местата се ограничени, на посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.
Низ годините во клубот поминале над 3.000 воздухопловни ентузијасти, пилоти, едриличари, падобранци и механичари.
-Низ овие години тој изгради силна репутација за воздухопловна безбедност, образование и обука, и обезбеди можности за младите луѓе да продолжат со кариерата во воздухопловството, посочуват од клубот. сх/лв/
Фото: Аероклуб Скопје