• четврток, 26 декември 2024

Аеродром се збратими со Општина Палилула од Ниш

Аеродром се збратими со Општина Палилула од Ниш
Скопје, 12 април 2021 (МИА) - Градоначалниците на Општина Аеродром и на Градската општина Палилула од Ниш Златко Марин и Братислав Вучковиќ денеска, на 16-тиот роденден на Аеродром, потпишаа Повелба за заедничко пријателство меѓу двете општини. На потпишувањето на Повелбата, како што соопшти Општина Аеродром, присуствуваше и градоначалничката на Ниш Драгана Сотировски, која ја предводеше српската делегација. - Денеска ја официјализиравме соработката што неодамна ја почнавме со нашата пријателска општина Палилула. На тој начин отворивме нови можности за развој на европскиот пат, изјави градоначалникот Марин. Збратимувањето го поздрави и неговиот колега од Палилула, градоначалникот Вучковиќ, кој рече дека - „првите соседи треба да соработуваат, особено на планот на решавање на еколошките проблеми, да разменуваат искуства во работењето на владите за да се постигне европската агенда и особено при аплицирање во европските фондови“. Двајцата градоначалници, како што се наведува, посочија дека е заеднички интерес да се поттикнува и индивидуалната свест и добрата волја што ќе помогне да се развиваат културните, пријателските и економските врски. Српската делегација, во чиј состав имаше и претставници на македонското малцинство, исто така оствари и средба со дел од членовите на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, на која стана збор за соработката меѓу културните центри од Скопје и Ниш и за можните идни проекти. Притоа беше предложено децата што го изучуваат српскиот јазик како изборен предмет на училиште да ги посетат своите врсници во Палилула и Ниш. мд/са/

Остани поврзан