• среда, 25 декември 2024

Аеродромот во Алепо оштетен во израелски воздушен напад

Аеродромот во Алепо оштетен во израелски воздушен напад

Дамаск, 7 март 2023 (МИА) - Во израелски воздушен напад рано утринава оштетен е аеродромот во Алепо и сега не е во функција, јавија сириските државни медиуми.

Повикувајќи се на воен извор, државната новинска агенција САНА објави дека Израел „извршил воздушен напад од правец на Средоземното Море, западно од Латакија, гаѓајќи го меѓународниот аеродром во Алепо“ и дека е направена материјална штета. Засега не е јасно дали има жртви.

Иако Израел во изминатите години стотици пати нападна делови од Сирија кои се под контрола на владата во Дамаск, вклучително и аеродромите во Дамаск и Алепо, земјата ретко презема одговорност.

Израел, сепак, потврди дека ги напаѓа базите на милициите поврзани со Иран, како што е либанскиот Хезболах, кој испрати илјадници борци да ги поддржат силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Алепо, кој претрпе големи разурнувања во сириската граѓанска војна, повторно беше тешко оштетен во смртоносниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари. 

Израелските воздушни напади на 19 февруари беа насочени кон станбени области во сирискиот главен град Дамаск, при што загинаа најмалку пет лица, а беа повредени 15, јавуваат сириските државни медиуми.

На 2 јануари сириската армија објави дека израелската армија истрелала ракети кон меѓународниот аеродром во Дамаск. Во тој напад загинаа двајца војници, а аеродромот е оштетен и не е во функција. Израелските власти стравуваат дека аеродромот се користи за испорака на иранско оружје. паг/

Остани поврзан