• четврток, 26 декември 2024

АД ЕСМ: Јагленот се набавува исклучиво за дополнително производство за потребите на компаниите

АД ЕСМ: Јагленот се набавува исклучиво за дополнително производство за потребите на компаниите
Скопје, 5 ноември 2021 (МИА) - Одлуката за избор на понудувач за јаглен за РЕК Битола се очекува да биде донесена до крајот на следната недела. Од АД ЕСМ денеска информираа дека јагленот од 900 илјади тони кој е предмет на оваа набавка е наменет исклучиво за дополнително производство, за потребите на фирмите и државните институции со цел за нив да се обезбеди електрична енергија по цена пониска од моменталните цени на берзите, од каде овие субјекти се снабдуваат. - Поради различното толкување во дел од медиумите, АД ЕСМ повторува дека редовното производството на електрична енергија за снабдување на домаќинствата се врши со сопствен ископ на јаглен од рудниците на РЕК Битола и со производство од другите производни капацитети: РЕК Осломеј, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните Црн Дрим, Маврово, Треска и Тиквеш и од ветерниот парк Богданци, се наведува во соопштението. Од АД ЕСМ уште еднаш нагласуваат дека понудите пристигнати на јавниот повик ги задоволуваат бараните количини на јаглен за третиот блок на РЕК Битола. Понудите, како што велат од ЕСМ, се испратени на техничка евалуација која опфаќа проверка на доставената техничка документација, проверка на сертификатите за квалитет и лабораториска анализа на доставените пробни количини јаглен. По завршување на оваа фаза, следува економско-финансиска евалуација на понудите, по што ќе биде донесена одлука за избор на економски оператор. На вториот тендер за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК Битола се пријавија девет компании меѓу кои има домашни кои нудат јаглен од два домашни рудника, како и фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција. бак/ац/

Остани поврзан