• среда, 18 декември 2024

АД ЕСМ и СОКАР потпишаа меморандум за разбирање

АД ЕСМ и СОКАР потпишаа меморандум за разбирање

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Акционерското друштво за производство на електрична енергија ЕСМ и државната компанија СОКАР од Република Азербејџан потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на енергетската стабилност во земјава. 

Како што велат од АД ЕСМ, соработката се фокусира на подобрување на достапноста и проширување на можностите за набавка на природен гас, со цел да се обезбеди стабилно, континуирано снабдување по конкурентни цени, во согласност со позитивните законски прописи.

-Овој Меморандум е во насока на напорите на државата да обезбеди природен гас, додека СОКАР има за цел да го зголеми своето присуство на регионалниот пазар, посочуваат од АД ЕСМ.

Нагласуваат дека СОКАР е интегрирана компанија која со еколошка свесност врши дејности за производство, транспорт и продажба низ целиот свет и притоа стратешки го поддржува растот на научниот, техничкиот, економскиот и интелектуалниот потенцијал на Република Азербејџан. Компанијата активно ја промовира транзицијата кон зелена економија со развој на проекти за соларна, ветерна и водородна енергија. Преку примена на напредни и еколошки технологии, СОКАР зазема клучна позиција во регионалните и меѓународните енергетски проекти на Азербејџан и на Европа.

-АД ЕСМ обезбедува највисок процент од домашното производство на електрична и на топлинска енергија. Стратешка цел на компанијата е креирање платформа за транзиција кон зелената енергија со фокус на проекти од обновливи извори, порачуваат од компанијата. вј/ац/

Фото: ЕСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан