• среда, 25 декември 2024

Адријановиот ѕид низ вековите

Адријановиот ѕид низ вековите

Манчестер, 19 февруари 2024 (МИА) - Адријановиот ѕид којшто се наоѓа во северна Англија е една од најпознатите древни и археолошки знаменитости на Велика Британија. Станува збор за одбранбен ѕид долг 120 километри, што требало да ја штити римската провинција Британија од племињата Пикти од „северот“ - денешна Шкотска.

Ѕидот бил инспирација и за познатиот писател Џорџ Р.Р.Мартин, да внесе дел од сѐ тоа во „Игра на престолите“, откако го посетил местото во 1980-тите.

- За Римјаните во тоа време, тој ѕид бил „работ на цивилизацијата“ - „крајот на светот“... Денес знаеме дека Шкотите се одонде, но во тоа време луѓето не знаеле што се крие таму. Можело тоа да биде и некакво чудовиште... Ѕидот бил ограда против „мрачните сили“ и тоа ми буди одредено чувство, важно за писателот на фантазијата, рече авторот во една пригода.

Утврдувањето бил градено од 122 до 132 година по Христа, за време на владеењето на римскиот император Адријан, по кого го добило името. Според многумина, овој ѕид е всушност и „природната“ граница меѓу Англија и Шкотска, но првично, тој ѕид бил северната граница на Римското Царство. Изработен е од камени блокови - делумно сочувани и денес. Ова чудо на римската архитектура го граделе 15.000 војници. Некогаш имало и 14 поединечни утврдувања и околу 80 потпорни кули каде што римските војници чувале стража.

Адријан, инаку, бил познат како „патникот-император“ бидејќи во своето владеење ја посетил речиси целата Римска Империја.

Важен споменик од римската ера

Иако добро служел за својата цел, Пиктите сепак успеале неколкупати да го преминат ѕидот. Таа тврдина била обновена на почетокот на 3. век, но конечно е напуштена на крајот на 4. век кога римските гарнизони си заминале од ова подрачје.

Камењата од коишто ѕидот бил изграден ги користеле и средновековните жители на околијата - за свои градежни потреби. Денес од тој ѕид останал само мал дел. За среќа, тој дел е, главно, во добра состојба, па во 1987 година влезе во Списокот на светското наследство на УНЕСКО за Европа. Прогласен е за најважен римски споменик во Велика Британија.

Покрај сѐ тоа, ова огромно утврдување е и наоѓалиште на значајни предмети, облека, оружје и орудија - наоди што сведочат за престојот на Римјаните и нивниот начин на живот на Островот.

На ѕидот денес му се заканува уште еден непријател - климатските промени и затоплувањето на земјата. Влажната и ровка почва околу ѕидот сега се суши, пропуштајќи кислород во пукнатините -  сѐ ова претставува опасност за идните ископувања, наоди и - за самиот ѕид, според познавачи.  си/ссм/

Фото: Википедија

Остани поврзан