• четврток, 26 декември 2024

Адеми на КОСАК конференцијата во Париз побара поддршка за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Адеми на КОСАК конференцијата во Париз побара поддршка за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ
Скопје, 4 март 2022 (МИА) - Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми на дводневната конференција на комисиите за европски прашања на земјите членки на Европска унија (КОСАК), што се одржува во Париз, го поддржа барањето на Украина за членство во ЕУ и побара поддршка од Унијата за забрзување на процесот за што поскоро отпочнување на преговорите со Северна Македонија. На првата сесија на Конференцијата на КОСАК, што се одржува во рамки на претседателството на Франција со ЕУ, посветена на „Реализацијата на француските приоритети во изминатиот период од 1 јануари 2022 година“, францускиот премиер Жан Кастекс, изрази поддршка и солидарност во врска актуелните случувања во Украина. - Во рамките на оваа сесија се обрати Адеми кој истакна дека Северна Македонија ги поддржува сувереноста и територијалниот интегритет на Украина, при што информира за вчерашното усвојувањето на Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Поддржувајќи го барањето на Украина за ЕУ членство, тој побара поддршка од страна на Европската Унија за забрзување на процесот за што поскоро отпочнување на преговорите со Северна Македонија, кои секако дека ќе имаат позитивен ефект во економски, но и безбедносен контекст за земјата и регионот пошироко, се наведува во соопштението. Адеми, исто така, оствари повеќе билатерални средби со своите колеги пратеници од парламентите на земјите членки на ЕУ, како и од регионот, на кои беа разменети мислења и ставови за темите од дневниот ред. Меѓу темите за кои се расправа на Конференцијата се и „Европскиот план за обнова, климатските промени и преносот на енергијата“, како и претстојната „Конференција за иднината на Европа“. сх/сп/

Остани поврзан