• сабота, 23 ноември 2024

Адеми на Конференција на претседателите на комисиите за европски прашања на државите-членки на Европската унија - КОСАК

Адеми на Конференција на претседателите на комисиите за европски прашања на државите-членки на Европската унија - КОСАК

Скопје, 18 септември 2023 (МИА) - Во рамки на шпанското претседателство со Европската Унија, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми учествува на Конференцијата на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ - КОСАК, што вчера и денеска се одржува во Мадрид, Кралството Шпанија.

Како што информираат од прес-службата на собраниската Комисија за европски прашања, конференцијата била отворена со поздравнo обраќањe на спикерот на претседателот на Сенатот, Педро Ролан Охеда, коj осврнувајќи се на шпанските приоритети, истакнал дека Шпанија го презема претседавањето во втората половина на 2023 година, во период на големи предизвици за земјите-членки и за Европската Унија во целина.

Mинистерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка, Хозе Мануел Албарес Буено и првиот потпретседател на Европскиот парламент, Отмар Карас, ги презентирале приоритетите на шпанското претседателство - реиндустријализацијата на ЕУ, постигнувањето напредок во еколошката транзиција, социјалната и економската правда и зајакнувањето на европското единство. Притоа, истакнале дека руската агресија ја загрозува безбедноста на Европа и има сериозни последици врз европската економија.

На Конференцијата било потенцирано дека овие приоритети подразбираат дека Шпанското претседателство ќе работи на намалување на прекумерната зависност на ЕУ од трети земји во областите како што се енергијата, здравството, дигиталните технологии и храната и ќе го промовира развојот на стратешките индустрии и технологии во Европа и со заедничка стратегија да се гарантира економската безбедност на ЕУ.

Било посочено дека Шпанија ќе се ориентира на реформа на пазарот на електрична енергија и повеќе обновливи извори. Во таа насока да се намали зависноста од енергија и суровини, да се намалат сметките за енергија, да се зголеми конкурентноста и да се отворат работни места. Имено, во текот на својот шестмесечен мандат, шпанското претседателство ќе се залага за зајакнување на европското единство, со координирана поддршка за Украина под принципите на обединетост и солидарност.

Во врска со проширувањето, пратеникот Арбер Адеми го потенцираше значењето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност во регионот. Притоа, тој истакна дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во регинот.

Во своето обраќање, како што се наведува во соопштението, Адеми посочил дека Шпанија го презема претседателството на Советот на Европската Унија во исклучително важни времиња за земјите-членки на ЕУ, но и за Република Северна Македонија. Осврнувајќи се на процесот на проширувањето на Европската Унија, Адеми информираше за значајните чекори што ги презема Република Северна Македонија во изминатиот период, со цел продолжување на европскиот пат.

Осврнувајќи се на уставните измени со коишто се овозможува продолжување на европскиот пат на државата и кое што е една од одлуките на патот до полноправно членство, Адеми посочил дека треба да биде наднационално и надполитичко прашање кое што ќе овозможи подобра иднина за сите граѓани на сегашнава и на идните генерации. Тој потенцираше дека како земја сме целосно посветени на спроведување на нашиот стратешки приоритет, членството во ЕУ.

Во сесијата посветена на иднината на Украина во ЕУ, Адеми потенцираше дека Украина има безрезервна поддршка од Северна Македонија и дека таа поддршка ќе продолжи се додека Украина не ги надвладее руските напади и не ги одбрани европските вредности.

За време на конференцијата, Адеми остварил низа средби со своите колеги од парламентите на земјите кои се членки на Унијата, а се сретнал и со колегите од регионот.фф/цр

Фото: Комисија за европски прашања - Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан