• четврток, 26 декември 2024

Адеми: Ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг од пет отсто и за отворени листи

Адеми: Ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг од пет отсто и за отворени листи

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од пет отсто, вели Арбр Адеми кој ја претставува ДУИ во работната група за изборни реформи која денеска ја одржа конститутивната седница.

-Ние сме отворени да дискутираме за сите предлози водејќи се од аргументите. Денеска не сме зборувале на оваа тема, немаше материјална расправа за предлозите. Оваа работна група не е формирана исклучиво само за ова прашање за измена на моделот на изборите, туку и за други прашања. Така што, ете, априори ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од 5 отсто и такви искуства има, но ќе се воздржам за дополнителни коментари оставајќи простор да дискутираме конструктивно во рамките на работната група, рече Адеми на новинарско прашање дали ДУИ ќе поддржи една изборна единица.  

Во однос на задачите на работната група за изборните реформи тој нагласи дека тие ќе поддржат имплементација на препораките и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, нагласувајќи дека е потребен меѓупартиски консензус за подготовка на нов изборен законик.

-Секако дека нашиот став уште од почеток е дека сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР треба да се преточат во конкретни законски одредби кои ќе бидат дел од Изборниот законик. За другите теми секако дека сме отворени да разговараме бидејќи за секое изменување, дополнување или за целосно нов изборен законик секако дека треба широк меѓуетнички и меѓупартиски консензус имајќи предвид дека се работи за значајно прашање, за претставување на граѓаните и треба да се отсликува хетерогеноста на нашето општество, вели Адеми.  

Тој очекува сите политички партии да дадат конструктивен придонес во целиот овој процес на подготовка на реформите во изборното законодавство, без условувања.

-Не можеме да ја условуваме работата на која било работна група со учество или неучество давајќи предлози надвор од работната група. ВМРО-ДПМНЕ е релевантна политичка партија. Очекувам одговорен пристап и од нивна страна. Тука е местото за да се дадат предлозите и да дебатираме аргументирано за секој еден предлог. Сме отворени да дискутираме за кој било предлог врз основа на аргументите, подвелече Адеми.

ВМРО-ДПМНЕ не делегираше свој претставник во работната група. Од опозициската партија вчера порачаа дека прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повикаа власта да излезе со решение, по што најавија дека ќе се вклучат во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.  

-Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел, рече пратеникот од оваа партија Антонио Милошоски. вг/нд/  

 

 

 

Остани поврзан