Адвокат на Нетанјаху бил во Србија за да разговара со осомничениот во случајот за кражба на тајни документи
- Адвокатот на израелскиот премиер Амит Хадад неодамна бил во Србија за да се сретне со Срулик Ајнхорн, еден од осомничените за објавување доверливи воени информации на германски новинари, пренесе Бета повикувајќи се на израелски медиуми.
Белград, 12 декември 2024 (МИА) – Адвокатот на израелскиот премиер Амит Хадад неодамна бил во Србија за да се сретне со Срулик Ајнхорн, еден од осомничените за објавување доверливи воени информации на германски новинари, пренесе Бета повикувајќи се на израелски медиуми.
Ајнхорн, советник за медиуми на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој работеше и како советник на српскиот претседател Александар Вучиќ, веќе една година живее во Белград, а во Израел е под истрага за објавување доверливи информации. Некои медиуми пишуваат дека Ајнхорн бил стратешки советник и менаџер на кампањата на Вучиќ.
Веќе извесно време Ајнхорн преговара за ангажирање на адвокатот на Нетанјаху, Амит Хадад, кој во истиот процес го застапува и Џонатан Урих, исто така советник на израелскиот премиер, пишува израелскиот весник Хаарец.
Неименуван извор изјавил за Хаарец дека „чудно е што еден адвокат застапува толку многу луѓе вклучени во тој случај“.
Главен осомничен во случајот за објавување доверливи воени информации за германскиот весник „Билд“ е Ели Фелдштајн, поранешен портпарол на Нетанјаху за воени прашања, кој беше обвинет од државното обвинителство за нарушување на државната безбедност.
Членовите на семејството на Фелдштајн во последниве недели се соочија со притисок од активисти во партијата Ликуд на Нетанјаху да ангажираат адвокат кој има врски со израелската влада.
Адвокатот на Фелдштајн, Одед Саворај, претходно овој месец рече дека неговиот клиент дејствувал во корист на кабинетот на Нетанјаху кога издејствувал украдените разузнавачки документи да бидат објавени во Билд.
Обвинителите наведуваат дека целта била со објавувањето на тие документи да се влијае на јавното мислење за да се сврти против договорот за заложниците држени во Појасот Газа.
Активисти го контактирале семејството на Фелдштајн, а еден од нив дури и понудил да плати за друг адвокат, вели Харец, додавајќи дека Хадад бил меѓу предложените адвокати. јт/