• четврток, 26 декември 2024

Адвокатската комора од денеска во нови простории

Адвокатската комора од денеска во нови простории
Скопје, 23 март 2022 (МИА) - Адвокатската комора на Република Северна Македонија денеска одржа свечен прием по повод отворањето на новите простории кои, како што рече претседателот на Комората Љубомир Михајловски, ги одразуваат потребите на новото време, ги исполнуваат сите услови за работа и доликуваат на една достоинствена и благородна професија како што е адвокатурата. Овие простории, како што додаде Михајловски, не се резултат само на заложбите на ова раководство, туку и на претходните. -Нашата цел е професионална, моќна и модерна адвокатура, па затоа и во иднина едукацијата на нашите членови останува еден од врвните приоритети. Досега се одржани голем број на обуки самостојно, како и во соработка со домашни и меѓународни институции. Ова го потенцирам бидејќи токму во оваа сала во која што се наоѓаме денеска, во иднина ќе се одржуваат обуки. За таа цел, благодарен сум на досегашната исклучителна соработка со почитуваните меѓународни и домашни институции, но истовремено сум уверен дека оваа соработка и овој партнерски однос ќе продолжат и во иднина и ќе резултираат со уште поуспешни обуки и проекти, рече Михајловски. Претседателот на Адвокатската комора исто така ја потенцираше важната улога на адвокатурата која е од врвен интерес за општеството кое во својот највисок правен акт Уставот ја прокламира нејзина самостојност и независност. -Македонската адвокатура која годинава ќе го прослави својот 77 роденден, останува најголем заштитник на човековите права и слободи, на еднаквоста и законитоста кои се суштински за една правна држава. Ова треба да биде пример за новите генерации адвокати, затоа што борбата за слободите и правата е постојана. И овие наши заложби кои ги славиме денеска, се всушност заложби за создавање на општествена реалност чиј највисок дострел е владеење на правото и демократијата, истакна Михајловски. дма/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан