• петок, 27 декември 2024

Адвокатот Миланов побара ослободителна пресуда за обвинетиот Андреј Костовски за случајот со убиството на ракометарот Тот

Адвокатот Миланов побара ослободителна пресуда за обвинетиот Андреј Костовски за случајот со убиството на ракометарот Тот
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Ако го анализираме обвинителниот акт, апсолутно нема елементи или момент за директна или евентуално умисла на обвинетиот Андреј за конкретното кривично дело или за каква било повреда на сега починатиот Тот, рече бранителот на обвинетиот Андреј Костовски, Еленко Миланов во завршните зборови во врска со случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје. Адвокатот посочи дека лицето кај кое постои умисла некој да биде повреден или уште помалку лишен од живот, не би се однесувал како обвинетиот Костовски. - Андреј во моментот кога констатира дека Денис Тот не е закана кон него и неговото здравје, се повлекува и се оддалечува. Факт кој што јасно укажува дека не постои апсолутно никаква умисла ниту за нанесување на повреда, а уште помалку за ова, рече Миланов. Според адвокатот, факт е дека ниту едно од овие дејствијата на обвинетиот Андреј ниту довело, ниту можело да доведе до клучните повреди за настанувањето на смртната последица кај сега починатиот Тот. - Доктор Станков и другите вешти лица од судска медицина, се децидни само во еден дел дека повредата на рбетниот мозок можела да настане од удари во главата. Удари какви со интензитет за нанесување на евентуално таква повреда не постои кај обвинетиот Андреј, рече тој. Адвокатот побара ослободителна пресуда, каква што претходно побараа и бранителите на обвинетите Анџело Ѓоргиевски и Клементина Левковкса. Претходно, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна пресуда за обвинетите, бидејќи, според неа, од доказната постапка произлезе дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од судот да пресуди по нив, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности. Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. ар/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан