• недела, 01 септември 2024

Адвокатите на Трамп почнаа со одбраната во процесот за отповикување

Адвокатите на Трамп почнаа со одбраната во процесот за отповикување
Вашингтон, 12 февруари 2021 (МИА)  - Адвокатите на Доналд Трамп почнаа со одбрана, тврдејќи дека поранешниот претседател не треба да биде осуден во Сенатот за крвавиот напад на неговите приврзаници врз Капитол минатиот месец и го нарекоа процесот на отповикување „политичка одмазда“ од демократите. Одбраната ќе трае околу четири часа. Адвокатите на Трамп велат дека тој не ги поттикнал немирите на 6 јануари во кои загинаа пет лица, вклучувајќи и еден полицаец. Тие рекоа дека неговото право на говор е заштитено со Уставот на САД и дека обвинителите не успеале директно да ги поврзат постапките на демопнстрантите со поранешниот претседател. - Процесот на отповикување пред Сенатот е неправеден и јасно неуставен чин на политичка одмазда, рече адвокатот Мајкл ван дер Вен во воведниот збор. - Тоа е политички мотивиран лов на вештерки, започнат од демократите, додаде Ван дер Вин. Убедени дека Доналд Трамп повторно ќе го стори истото кога ќе се врати на власт, демократските обвинители вчера ги повикаа американските сенатори да спречат поранешниот претседател да се кандидира повторно поради „поттикнување“ на неговите приврзаници да го нападнат Капитол. Трамп уште од претседателските избори во ноември тврди дека Бајден го победил со измама, а неговите приврзаници упаднаа во Капитол додека се чекаше потврдата за победата на демократите, одложена за неколку часа во врска со немирите. Ван дер Вин рече дека поентата на обраќањето на Трамп пред приврзаниците е дека демократските процеси мора да го почитуваат словото на законот. - Ова не се зборови на некој што поттикнува насилен бунт, потенцира тој. Две третини од сенаторите треба да гласаат за осуда на Трамп, што значи дека 17 републиканци треба да им се придружат на демократите, што е малку веројатно. зш/

Остани поврзан