• четврток, 19 декември 2024

Агенција за филм: Поддршка за долгометражни играни филмови на Косара Митиќ и Марјан Гавриловски

Агенција за филм: Поддршка за долгометражни играни филмови на Косара Митиќ и Марјан Гавриловски
Скопје, 23 јули 2021 (МИА) - Агенцијата за филм денеска ги соопшти резултатите од првиот рок од мартовскиот конкурс за поддршка на филмските проекти за 2021 година. Поддршка за реализација на мнозински долгометражни филмови добија дебитантските проекти на режисерката Косара Митиќ за проектот „19“ во продукција на „Црна мачка продукција“ и режисерот Марјан Гавриловски за „Мравките владеат со светот“ во продукција на „Тајм лапс“. На конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен, документарен и анимиран филм во прв рок на одлучување аплицираа вкупно 53 проекти, од кои 36 долгометражни - играни, документарни и анимирани, и 17 краткометражни - играни, документарни и анимирани. Според резултатите, финансиска поддршка ќе добијат шест краткометражни играни филмови, три краткометражни документарни филмови, и два краткометражни анимирани филмови. Исто така, Управниот одбор на Агенцијата за филм одлучи да финансира два проекти во делот на категорија долгометражен документарен филм. Во категорија долгометражен документарен филм со македонски малцински удел ќе се финансираат два проекти. Како што изјави денеска директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, финансиска поддршка ќе добијат два доглометражни играни филмови со македонски мнозински удел, а во категорија со доплгометражен игран филм со македонски малцински удел, Управниот одбор донесе одлука да се финансираат четири филмски проекти. Вкупниот буџет за поддршка на овие проекти изнесува 71.400.000,00 денари. Резултатите се од конкурсот објавен во март годинава - прв конкурс, додека по донесена одлука од страна на Филмскиот совет, продолжен е крајниот датум за пријава по вториот конкурс за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен, документарен и анимиран филм односно истиот се продолжува до 31.08.2021 година. Директорот Бојан Лазаревски ги поздрави филмските работници, изразувајќи задоволство што по првпат нашиот мнозински македонски краток филм имал премиера на Канскиот филмски фестивал. -Задоволството да се биде дел од тој фестивал е огромно, и ми беше чест и задоволство што работев и бев присутен со делот од тимот на самиот фестивал. Државата во моментов е присутна на сите меѓународни најзначајни европски фестивали и ќе издвојам една реплика употребена од нашите соседи и од европската кинематографија, која вели дека во моментов македонската продукција е рамо до рамо со европската кинематографија и можеме да се носиме со сите предизвици во моментоив и во наредниот период, рече Бојан Лазаревски. бт/ац/  

Остани поврзан