• четврток, 26 декември 2024

Агенција за супервизија на осигурување: Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен 2,5 пати

Агенција за супервизија на осигурување: Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен 2,5 пати

Скопје, 23 март 2022 (МИА) - Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) лани добила 206 претставки од незадоволни осигуреници за работата на осигурителни компании и други учесници на пазарот. Бројот на претставки од осигуреници минатата година е зголемен за 2,4 пати во споредба со 2020 година. Бројот, пак, на претставки решени во корист на осигуреници e зголемен 2,5 пати, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата.

Една од најособените, од вкупниот број претставки што ги добила АСО, е таа во која на осигуреник не му било продолжено осигурувањето поради тоа што во меѓувреме му бил дијагностициран рак.

- АСО ги соочи двете осигурителни компании (од кои едната го предава, а другата го превзема осигуреникот) и ги разгледа условите и аргументите на трите страни. Случајот беше решен позитивно. При што двете компании се усогласија, а осигуреникот доби полиса за животно осигурување која го обезбедува кредитот, велат од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Во овој период АСО, врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници, на три осигурителни друштва им изрекла четири мерки од кои две се парични глоби.

Осигуреници минатата година поднеле претставки за 18 учесници на осигурителниот пазар, а кај 16 од нив бројот на поднесени жалби е поголем во споредба во 2020 година.

- АСО реши 42 претставки во корист на осигурениците во 2021 година.  Во однос на претходната година бројот на претставки решени во корист на осигуреници е поголем за 2,5 пати. Од сите поднесени претставки за 22 е утврдено дека се поднесени без основ, 12 се повлечени од подносителите, а 13 се во процес на постапување. Во корист на учесниците на осигурителниот пазар (компании, осигурителни брокери и други) се решени 65 претставки, се вели во соопштението од Агенцијата.

Најчесто, поточно во 79 случаи, осигурениците се жалеле на основот на кој се исплатуваат штети кои биле покриени со договори за осигурување. За висината на износот што осигурителните компании го понудиле за исплата на штета се пожалиле 52 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите. За роковите за обработка на штети се поднесени 16 претставки, а за рокот на исплата на штетата се жалеле осум осигуреници. По други основи се поднесени уште 25 претставки.

Во 161 случај подносители на претставки се физички лица, а 39 претставки поднеле правни лица.

Најголем број претставки – 91 се поднесени за осигурани случаи од класата автоодговорност. За осигурување од незгода се поднесени 31 претставка, а за класата имот 21. За животно осигурување се поднесени 15 претставки, за приватно здравствено осигурување се поднесени шест претставки. За другите осигурителни класи се поднесени 14 претставки.

Претставка до АСО, појаснуваат оотаму, се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението. сст/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан