• петок, 27 декември 2024

Агенцијата на ОН за помош на Палестинците го означи раселувањето на жителите на Рафа како нехумано

Агенцијата на ОН за помош на Палестинците го означи раселувањето на жителите на Рафа како нехумано

Рафа, 12 мај 2024 (МИА) - Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) денеска го означи присилното раселување на стотици илјади Палестинци од градот Рафа на југот на Појасот Газа како нехумано.

Агенцијата оцени дека веќе никаде не е безбедно за цивилите кои бараат засолниште од конфликтот меѓу исламистичкиот Хамас и израелската армија во таа мала енклава.

УНРВА на социјалната мрежа Х објави дека во текот на изминатата недела од Рафа побегнале околу 300 илјади луѓе.

Во саботата, Израел ги повика Палестинците од другите делови на градот да се евакуираат и да одат во, како што ја нарекува, „проширена хуманитарна зона“ во Ал-Маваси, тесен крајбрежен појас во најјужниот дел од територијата.

Постои зголемена загриженост за безбедноста на оние кои бегаат таму и каде што веќе има стотици илјади раселени луѓе, а сè уште нема соодветно снабдување со храна, вода, здравствена заштита или санитација, што доведува до ширење на разни болести.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден наводно му понудила на Израел да му достави разузнавачки информации за тоа каде се наоѓаат лидерите на Хамас, доколку се согласи да се воздржи од долгонајавуваната голема воена операција во Рафа, пишува денеска Вашингтон пост.

Понудена е и помош за поставување шатори за евакуираните Палестинци, изградба на инфраструктура и доставување хуманитарна помош.

Претходната изјава на портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби беше во согласност со тој извештај, иако тој рече дека таквите разузнавачки информации веќе му биле доставени на Израел.

Двајца функционери изјавија за израелските медиуми во петокот, повикувајќи се на проценки на разузнавачките служби, дека лидерот на Хамас Јахја Синвар не се крие во Рафа, туку во подземните тунели во регионот Кан Јунис. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан