• недела, 28 јули 2024

Објавени резултатите на Агенцијата за филм од конкурсот за финансирање проекти, ќе се финансира „Можна приказна за мајка Тереза”

Објавени резултатите на Агенцијата за филм од конкурсот за финансирање проекти, ќе се финансира „Можна приказна за мајка Тереза”

Скопје, 25 август 2023 (МИА) - Агенцијата за филм на нејзината веб страница ги објави резултатите од овогодинешниот конкурс за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2023 во прв рок на одлучување. Единствен финансиран во категоријата долгометражен филм со мнозинско учество е филмот „Можна приказна за мајка Тереза”, во режија на Теона Стругар Митевска.

Митевска е и сценарист на филмот заедно со Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, во продукција на „Сестри и брат Митевски“. Одобрениот износ за финансирање на филмот е 37.000.000 денари.

-Горд сум на квалитетната понуда на македонските филмаџии, на сè поцврстите ко-продуцентски соработки, но особено сум горд на жените автори во македонскиот филм, што е повторно потврда и на овој конкурс. Верувам дека режисерката која минатата година нè претставуваше на Венецискиот филмски фестивал и на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, ќе даде една своја перспектива на животот на Мајка Тереза, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Дел од долгометражните играни филмови со македонски малцински удел кои ќе се финансираат се „Додекамерон“ во продукција на „Фокус Покус Филмс“, „Хатиџе и Шабан“ во продукција на „Лист Продукција“, „На се ќе дојде крај“ во продукција на „Веда Филм Продакшнс“, „Капка Вода - Waterdrop“ во продукција на „Мануфактура Продукција“.бт/аа/

Фото: Агенција за филм

Остани поврзан