• сабота, 16 ноември 2024

Агенцијата за пошти одбележа 15 години од основањето, најавен нов закон за поштенски услуги

Агенцијата за пошти одбележа 15 години од основањето, најавен нов закон за поштенски услуги

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Агенцијата за пошти, регулаторното тело во поштенскиот сообраќај, одбележува 15 години од основањето. Директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска, вечерва на свеченост по тој повод рече дека веќе 15 години, Агенцијата за пошти стои цврсто на заложбите за одржување на кохерентен правен систем на пазарот на поштенски услуги.

-Во моментов, на македонскиот поштенски пазар работат 35 лиценцирани даватели на поштенски услуги кои ги нудат своите услуги на пазарот и околу 3 200 поштенски работници подготвени да одговорат на барањата на корисниците. Сосем разбирливо и очекувано е дека дигитализацијата на општеството и растот на е-трговијата сè повеќе ги направија услугите за достава на пакети главен фокус на внимание на давателите на поштенски услуги, и во тој контекст поштенскиот сектор ја покажа својата флексибилност и прилагодливост кон економските и општествените предизвици, со вкупен обем изминатата година од околу 36 милиони пратки, рече Аврамоска Ѓореска.

Таа информираше дека Агенцијата за пошти има значителен број на донесени стратешки документи, анализи кои се однесуваат на развој на поштенскиот пазар, висок степен на реализирани активности, како богата статистичка база.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски рече дека активно се работи на изработка на нов закон за поштенски услуги и оти се очекува да биде во владина процедура во текот на оваа година.

-Во истиот тој закон ја вградуваме и регулативата која се однесува на прекугранична достава на пакети. Нашата цел е да создадеме ефикасна и ефективна законска регулатива која сите чинители на пазарот на поштенски услуги ќе може да ги вгради за да ги обезбедат своите права и обврски на пазарот и пред граѓаните, рече Бочварски.

Во однос на либерализацијата на поштенскиот пазар рече дека на тоа мора  да се работи заеднички со Европската Унија со цел отворање и либерализирање на домашниот пазар.

На свеченоста беа доделени признанија и благодарници за членовите и вработените во Агенцијата, како и за институциите и компаниите, како и на Медиумската информативна агенција за успешна соработка и афирмација на Агенцијата за пошти. сх/лв/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан