• среда, 18 декември 2024

Агелер: На потег се органите на редот и правосудството земјата, ако ние сме можеле да собереме доказите, можат и тие

Агелер: На потег се органите на редот и правосудството земјата, ако ние сме можеле да собереме доказите, можат и тие

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Корупцијата, во каква и да е форма, не треба да се толерира. Оние кои го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот треба да сфатат дека корупцијата има последици. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, се надевам дека судството и структурите за спроведување на законот во Северна Македонија ќе го сторат истото, порача американската амбасадорка Анџела Агелер, на денешната прес-конферецијата по вчерашното проширување на „црната листа“ на Стејт департментот на САД со имињата на Артан Груби и Енвер Беџети.

Доказите на кои се базира ваквата одлука, посочи Агелер, не се споделуваат со македонските власти, поради прашања поврзани со приватноста. 

- Но, ниту пак треба, бидејќи доказите кои Вашингтон ги разгледува, што ние успеавме да ги собереме, како тука во оваа земја, така и во Вашингтон, се широко достапни. Интересно е што дел од критиките кон нас на социјалните медиуми беа, зошто го правите ова, кога нема кривично гонење и акција тука. Ние, сме обврзани со закон, да ги именуваме и санкционираме, оние лица за кои имаме силни докази за криминал и корупција. Што се случува понатака, останува на органите на редот и правосудството во оваа земја, но ќе кажам, дека ако ние сме можеле да ги собереме доказите, можат и тие, изјави Агелер. 

Именувањето на лица кои се вмешани во криминал и корупција, според Агелер, е процес кој продолжува, посочувајќи дека станува збор за динамична листа, која постојано се проширува и разгледува. 

- Доказите многу внимателно се разгледуваат во Вашингтон. Овој процес продолжува. Сигурно има и други имиња, кои се разгледуваат сега. Интересно е што со секое ново именување и нема да бидете изненадени од ова, често излегуваат нови докази за кривични дела од други. Како што кажав, ова е многу динамичен процес, изјави Агелер. 

Корупцијата, посочи Агелер, е епидемија и рак на ова општество. 

-Секаде, каде што одам низ земјава, и секој граѓанин со кој зборувам, луѓето ми кажуваат дека ова е така голем проблем во нивниот секојдневен живот и бараат да зборуваме повеќе за тоа, бидејќи ги засега граѓаните на земјава секој ден. Затоа е важно што именуваме лица кои се вклучени во криминал и корупција, без разлика на нивната улога, дали се градоначалници, бизнисмени, функционери или некој од правосудството, изјави Агелер.

Правдата, посочи таа, е слепа и ние само ги разгледуваме лицата врз основа на доказите кои ги имаме. 

-Прашањето како овие случаи се движат низ процесите тука, е прашање, што и јас си ги поставувам. Ако доказите се достапни, а се, тогаш имате финансиска полиција, обвинителство, судство... Постои процес што е достапен тука и сметам дека луѓето во оваа земја сакаат да го видат, изјави Агелер. 

На прашањето дали судијата Енвер Беџети, бил на обука во САД, Агелер рече дека нема конкретна информација, но дека статистички гледано, многу е веројатно да бил на некоја обука, бидејќи 85 проценти од сите судии и обвинители во земјава имале некаква обука со Амбасадата на САД или некоја американска организација. 

-Половина милијарда долари имаме потрошено на правосудството и како што, имаме кажано, досега немаме добар поврат на нашата инвестиција. Се надевам дека ќе видиме акција на овие именувања, како и на претходните и многу, многу други во оваа земја, за кои луѓето знаат дека се корумпирани и заслужуваат да бидат разгледани како случаи пред надлежните судови во оваа земја, изјави Агелер. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан