• недела, 24 ноември 2024

Агелер: Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси 

Агелер: Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси 

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) –  Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси, порача американската амбасадорка во државава Анџела Агелер на отворањето на шестото издание на МЕФ Енергетскиот Форум 2023. 

Европа и Северна Македонија, рече Агелер, се на крстосницата на неколку горки енергетски прашања. Таа нагласи дека енергетската криза од изминатиот период што беше исклучително тешка, а поттикната од руската агресија во Украина потенцирала колку е важна енергетската независност, особено тука во Северна Македонија. 

-Имавме напори секаде во Европа, кај американските партнери за да останат топли домовите во Северна Македонија, но овие прашања се уште не се решени. Зимата повторно ќе се врати и апелирам до сите итно да дејствувате за диверзификација на енергетските ресурси, рече Агелер. 

Таа истакна дека САД работат напорно на зајакнување на енергетската издржливост и отпорност и потсети дека неодамна и помогаа на Северна Македонија да има транспарентно и ефикасно тргување со електрична енергија. 

-Апелираме да се склучуваат партнерства и со локалните бизниси каде што нашите американски партнери може да обезбедуваат производи и услуги за запазување на еколошките цели, рече американската амбасадорка.

Тема на форумот што ќе се одржува денеска и утре е „Подобрување на триаголникот: Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“. Учествуваат претставници од Владата, функционери од регионот, домашни и странски енергетски компании, меѓународни организации и граѓански организации. 

Клучната порака на учесниците на форумот е дека климатските проблеми се најголем предизвик за човештвото, а енергетската транзиција е клучна алатка во справувањето со тоа.

Климатската транзиција,  беше  истакнато, мора да биде инклузивна, со вклучување на граѓаните и малите бизниси заради енерегетска демократија и инклузивен економски раст. 

МЕФ Енергетскиот Форум 2023 е во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата и Делегацијата на ЕУ во Скопје, под покровителство на вицепремиерот Битиќи. лв/мч/

 

Остани поврзан