• четврток, 26 декември 2024

Авторот Горјан Петревски на книжевни средби со кривопаланечките основци

Авторот Горјан Петревски на книжевни средби со кривопаланечките основци
Крива Паланка, 9 мај 2022 (МИА) - Со директно дружење и средби на учениците од основните училишта со писателот Горјан Петревски во рамките на настанот „Патот до пишаниот збор“, националната установа Центар за култура Крива Паланка денес го доближи творештвото на еден од најпознатите македонски автори за деца со кривопаланечките основци. Настанот вклучи две поединечни средби и литературни дружења на младите со авторот, првото во подрачното училиште на ООУ „Јоаким Крчовски“ во село Дурачка Река и второто, средба и дискусија со Петрески со тинејџерите од двете основни училишта во градот, во градската библиотека „Кочо Рацин“ во рамки на НУЦК. -Вашиот град има прекрасна публика меѓу тинејџерите, не сум од оние што мислат дека денешните генерации не читаат. Оние што читаат, умеат и да разговараат. Тоа го потврдија и моиве две денешни средби во Дурачка Река и во Крива Паланка, во градската библиотека. Со ваква публика меѓу младите не треба да се грижиме за иднината на културата кај нас, изјави авторот, Горјан Петревски. Рече, за вакви средби, треба и добра организација. - Тоа денеска го потврди и Националната установа Центар за култура и библиотеката во чијшто состав работи. Секоја умешна средба е добредојдена, за да се претвори во голем настан. Како автор, така го доживеав овој ден, додаде Петревски. Директорот на националната установа Центар за култура Крива Паланка, Дарко Стоилковски, упати благодарност до авторот, до сите наставници кои ги организираа учениците и до вработените во установата, овозможувајќи успешна реализација на настанот.ид/вј/

Остани поврзан