• четврток, 26 декември 2024

Австријците не сакаат членство во НАТО, но сакаат засилена воена соработка во ЕУ

Австријците не сакаат членство во НАТО, но сакаат засилена воена соработка во ЕУ

Виена, 4 мај 2023 (МИА) - Членството на Австрија во Европската унија ужива поддршка од повеќе од две третини од граѓаните, но на референдум за евентуален влез на нивната земја во НАТО, мнозинството Австријци би гласале против, се наведува во анкетата на Австриското друштво за европска политика (OGFE).

Во моментов, и покрај светската криза, членството на Австрија во ЕУ го поддржуваат 68 отсто од граѓаните, покажува истражувањето на ОГФЕ спроведено од 11 до 13 април меѓу 1.000 Австријци.

За излез на Австрија од ЕУ гласале 25 отсто, а седум отсто немале мислење или не сакале да одговорат на прашањето. 

ОГФЕ наведува дека расположението на граѓаните кон ЕУ е подобрено и е на ниво на повеќегодишниот просек.

За членство во Унијата во септември минатата година се изјасниле 64 отсто од учесниците во анкетата, а за излез од ЕУ 27 отсто.

Истовремено, анкетата покажа дека доколку сега се одржи референдум за влез на Австрија во НАТО, шест од десет Австријци (61 отсто) би гласале против. Приближно една петтина (21 отсто) би гласале за влез во НАТО, додека 19 отсто од анкетираните не сакале да заземат став за тоа.

Во последните три години овој став на Австријците во однос на влезот во НАТО, остана речиси непроменет.

Мнозинството Австријци, 67 отсто од нив, сепак, се за поинтензивна соработка меѓу членките на ЕУ во областа на безбедносната и одбранбената политика. Спротивно мислење имаат 20 отсто, а не се изјасниле 13 отсто од испитаниците.

На прашањето која земја ја гледаат како сигурен партнер, само 34 отсто одговориле дека Австрија може да се потпре на САД, додека 49 отсто се со спротивно мислење. сд/

Остани поврзан