• среда, 25 декември 2024

Австралија им ги одзеде одликувањата на неколку свои команданти заради сторени воени злосторства во Авганистан

Австралија им ги одзеде одликувањата на неколку свои команданти заради сторени воени злосторства во Авганистан

Канбера, 12 септември 2024 (МИА) – Австралискиот министер за одбрана Ричард Mарлс изјави дека на неколку актуелни и поранешни воени команданти им се одземени одликувањата поради наводи за сторени воени злосторства за време на војната во Авганистан, пренесоа американските медиуми.

Препораката за одземање на медaлите на командантите ја даде генерал-мајор Пол Бреретон, кој ја водеше истрагата за воени злосторства, наводно сторени од страна на австралиските специјални сили во периодот меѓу 2005 и 2016 година. 

Генералот Бреретон открива дека околу 25 командоси од два полка на специјалните сили биле вклучени во незаконските убиства на 39 Авганистанци.

-Обвиненијата, што се предмет на извештајот на Бреретон, се веројатно најсериозните обвиненија за австралиски воени злосторства во нашата историја, рече Марлс во австралискиот Парламент.

Марлс им пишал на командантите на овие војници за медалите што ги добивале за нивната служба во периодите кога наводно биле извршени воени злосторства. Тој не прецизираше пред парламентот на колку од нив им пишал, ниту ги прецизираше нивните чинови, повикувајќи се на заштитата на личните податоци.

Одземањето на медалите го осуди претседателот на Асоцијацијата на специјалните сили на Австралија, Мартин Хамилтон-Смит, оценувајќи го чинот како „предавство на храброста и пожртвуваноста на австралиските војници“.

„Одлуката на владата го игнорира храброто лидерство на овие млади офицери на бојното поле врз основа на недокажани тврдења дека некаде во некое зафрлено село, невидено и непознато за овие команданти, можеби се случил незаконски чин по нивна наредба“, рече Хамилтон-Смит. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан