• среда, 25 декември 2024

Австралијанците на референдум одбија да ги вклучат Абориџините во Уставот

Австралијанците на референдум одбија да ги  вклучат Абориџините во Уставот

Камбера, 14 октомври 2023 (МИА) – Австралијанците денеска на референдум децидно го отфрлија признавање на абориџинското население во Уставот, што е нов чекор назад во помирувањето на земјата со домородното население.

По пребројани 45 отсто од гласовите низ земјава, „не“ води со 57,35 отсто наспроти 42,65 за „да“.

Австралиската телевизија Еј-би-си и други мрежи предвидоа дека најмалку четири сојузни држави - Нов Јужен Велс, Тасманија, Квинсленд и Јужна Австралија - ќе гласаат против промените на 122-годишниот устав.

За референдумот да успее, најмалку четири од шесте сојузни држави мора да го поддржат предлогот, заедно со мнозинството на национално ниво.

Поради австралиските временски зони, гласањето во Западна Австралија продолжува, иако е познат резултатот од референдумот.

Австралијците заокружуваа „да“ или „не“ на референдумското ливче на кое беа прашани дали се согласуваат со предлогот што ќе ги признае Абориџините и островјаните од Теснецот Торес преку создавање домородно советодавно тело во Парламентот наречено „Глас на Парламентот“.

-Јас сум уништен, изјави лидерот на Абориџините, Томас Мајо, за Еј-би-си Њуз.

„Ни треба гласот. Ни треба таа структурна промена“.

Абориџинското население на Австралија денес сочинува 3,8 отсто од вкупното население од 26 милиони.

Тие живеат на австралискиот континент речиси 60 илјади години, но не се споменати во уставот и гледајќи ги социјалните и економските фактори, тие се најранливата група во земјата. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан