• сабота, 23 ноември 2024

Австралискиот премиер ќе воведе предлог-закон за даночни олеснувања за луѓето со пониски примања

Австралискиот премиер ќе воведе предлог-закон за даночни олеснувања за луѓето со пониски примања

Сиднеј, 4 февруари 2024 (МИА) - Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека неговата влада ќе воведе законски измени за намалување на даноците за пониски приходи во Парламентот во вторник поради зголемените животни трошоци.

-Ќе го објавиме новиот закон подоцна денеска и ќе биде поднесен во Парламентот во вторник, изјави Албанезе за австралиската национална телевизија Еј-би-си.

Тој додаде дека би сакал предлог-законот да биде усвоен „во рамките на тековната седница“ на Федералниот парламент, кој продолжува со работа во вторник.

Неодамна објавената нова политика на владата предвидува дека луѓето со годишни приходи до 135 илјади австралиски долари (88.763 американски долари) плаќаат пониски даноци од 1 јули. Даночните олеснувања за некои луѓе со повисоки примања ќе бидат речиси преполовени, а заштедите ќе бидат пренасочени на посиромашните Австралијци.

Минатиот месец, Албанезе објави дека неговата левичарска влада наскоро ќе ги легализира спорните промени, но не прецизираше конкретна временска рамка. Австралиските домаќинства се тешко погодени од високата инфлација, која скокна на 7,8 отсто во декември 2022 година, пред да падне на 5,4 отсто во првиот квартал од 2023 година.

Во мај минатата година, владата на Албанезе претстави нацрт од 23 милијарди австралиски долари за насочено олеснување на трошоците за живот и оттогаш владата е под притисок да воведе повеќе даночни намалувања.

Најновите анкети покажуваат дека рејтингот на Албанезе паѓа, што според опозицијата се должи на неговото неисполнување на предизборното ветување дека нема да ја промени даночната политика усвоена од претходната влада во 2019 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан