• четврток, 26 декември 2024

Австралиската полиција ги истражува причините поради кои цел на напаѓачот во ТЦ во Сиднеј биле главно жени

Австралиската полиција ги истражува причините поради кои цел на напаѓачот во ТЦ во Сиднеј биле главно жени

Сиднеј, 15 април 2024 (МИА) - Австралиската полиција соопшти дека ги истражува причините поради кои цел на напаѓачот со нож во трговски центар во Сиднеј, како што изгледа, првенствено биле жени. Во нападот се убиени пет жени и еден маж.

Сторителот на убиството е 40-годишниот Џоел Каучи, кој, според полицијата, боледувал од ментална болест. Меѓу ранетите во неговиот убиствен поход, најголем број од жртвите се жени.

„За мене и за истражителите е очигледно дека напаѓачот имал за цел жени, а избегнувал мажи“, рече началникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Карен Веб, додавајќи дека „снимката зборува сама за себе“ и дека тоа ќе биде „еден чекор од истрагата“.

Каучи со нож усмрти шест лица во преполниот трговски центар „Вестфилд Бонди Џанкшн“ во источното предградие на Сиднеј, каде се наоѓа познатата плажа Бонди, а полицијата го уби. Веб рече дека не може да знае што случувало во неговата глава и дека истражителите ќе ги испрашуваат тие кои го познавале. Неговиот Фејсбук профил покажува дека е од Тувумба, недалеку од Бризбејн и дека таму посетувал средно училиште и факултет.

Неговите родители рекоа дека тој страдал од ментална болест уште од адолесценцијата. Денеска, како негова шеста жртва е идентификувана млада Кинеска, студентка на Универзитетот во Сиднеј, Јиџуан Ченг.

Останатите жени се стилистка, спасувачка на море, ќерка на претприемач и мајка на деветмесечно бебе кое е тешко повредено, а убиениот 30-годишен маж Фараз Тахир е вработен во обезбедувањето во трговскиот центар, кој се обидел да го спречи во убиствениот поход. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан