• четврток, 26 декември 2024

АВМУ: Радиодифузерите да го почитуваат Изборниот законик

АВМУ: Радиодифузерите да го почитуваат Изборниот законик

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) – Со распишување на претседателските и парламентарните избори, закажани за 24 април, односно 8 мај и стапувањето на сила на одредбите од Изборниот законик, почнува и мониторингот на медиумско известување од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Од АВМУ соопштуваат дека до почетокот на изборната кампања ќе бидат фокусирани на девет телевизиски програмски сервиси на државно ниво, а сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставка.

Оттаму, потсетуваат дека радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) треба да го почитуваат рокот од три дена за регистрација во Државната изборна комисија, односно од пет дена за утврдување ценовници за ППР и нивна достава до надлежните институции – ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ.

- Известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на градот Скопје, на државните институции и организации, како и за други правни лица со јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект. Треба да се почитуваат правилата за објавување на резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, како и забраните за емитување ППР пред почетокот на изборната кампања, за емитување реклами финансирани од Буџетот, и забраната за истовремен ангажман на уредници, новинари, водители на програма и презентери во програмите на радиодифузерите и во предизборни активности на учесниците во изборна кампања, известуваат од АВМУ.

Од Агенцијата нагласуваат дека јавниот радиодифузен сервис и националните радиодифузери што одлучиле да го покриваат изборниот процес, се должни тоа да го прават во формат и на јазик достапен и за лицата со попреченост.

- При известувањето за изборниот процес, радиодифузерите се должни да ги почитуваат професионалните начела за новинарската дејност, посебно начелото за објективно, непристрасно прикажување на настаните, со еднаков третман на различните гледишта и мислења, така што ќе ѝ овозможат на публиката слободно да оформи свое мислење за одделни настани и прашања. Воедно, сите радиодифузери се должни да ги почитуваат посебните забрани од членот 48 од ЗААВМУ, велат од АВМУ.

Агенцијата, како што информираат оттаму, на својата веб-страница постави банер со сите материјали поврзани со изборниот процес – законски и подзаконски акти, образец за претставки и друго. Освен на македонски јазик, овој банер функционира и на албански и англиски јазик. ир/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан