• среда, 25 декември 2024

АВМУ: Комерцијалните радиодифузери во 2021 година со повисоки приходи од 2020

АВМУ: Комерцијалните радиодифузери во 2021 година со повисоки приходи од 2020
Скопје, 31 август 2022(МИА) Анализата на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги (АВМУ) за 2021 година, покажала дека пандемијата од коронавирусот, се одразила на работењето на телевизиите и радијата, но и дека индустријата полека закрепнува. Комерцијалните радиодифузери во 2021 година прикажале повисоки приходи во споредба со претходната година, за разлика од јавниот радиодифузен сервис кој располагал со помалку средства во споредба со 2020 година.   -Вкупните приходи во индустријата во 2021 година изнесувале 2,644.83 милиони денари, што е највисок износ на вкупни приходи во последните пет години. Сепак, не може да се зборува за некаков раст на пазарот, бидејќи зголемувањето на приходите се должи на финансиската помош за справување со последиците од ковид-пандемијата, што државата ја издвои за комерцијалните медиуми и на платено политичко рекламирање (ППР) за време на локалните избори. Без изборите, приходите од рекламирање во 2021 година не ги достигнуваат оние од пред пандемијата, велат од АВМУ. Најголем дел од приходите од рекламирање оствариле комерцијалните телевизии - 87 отсто, а 10 проценти комерцијалните радиостаници. Уделот на МРТ во приходите од реклами изнесува само 3 отсто.  Вкупните трошоци во индустријата изнесувале 2,571.19 милиони денари. Од нив, 56 отсто се трошоци на комерцијалните телевизии, 38 проценти на јавниот сервис и 6 отсто на комерцијалните радиостаници. -Во споредба со минатата година, повеќе средства потрошиле и комерцијалните радиодифузери и јавниот сервис, соопштуваат од АВМУ. Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2021 година е достапна налинкот. ир/лв/

Остани поврзан