• вторник, 24 декември 2024

Авионот што наводно го превезувал сирискиот претседател исчезнал од радарите

Авионот што наводно го превезувал сирискиот претседател исчезнал од радарите

Дамаск, 8 декември 2024 (МИА) - Последниот авион што полета од Дамаск, пред сириските бунтовници да го преземат градот, исчезна од радарите веднаш по полетувањето над градот Хомс, кој е под контрола на бунтовниците, објавија веб-страници за следење летови, пренесува „Ал Џезира“.

Претходно, западни медиуми, повикувајќи се на неименувани воени команданти, јавија дека сирискиот претседател Башар ал Асад утрово со авион избегал од Дамаск на непозната локација.

Според медиумите, Асад се качил во авион „Иљушин 76“ на „Сиријан ер“ со број на лет 9218. Информативниот портал „Вала“ наведува дека, според неименуван израелски функционер, Асад синоќа полетал од Дамаск до руската воздухопловна база Хмеимим, со намера оттаму да продолжи кон Москва.

Овој израелски функционер се повика на наводните сознанија од американски официјални лица дека Асад го напуштил Дамаск со намера „да побегне во Русија“.

Сириските опозициски сили денеска објавија дека го презеле Дамаск. Лидерот на опозицијата, Абу Мохамед ал Џулани, нагласи дека јавните институции ќе останат под надзор на поранешниот премиер до официјалното предавање на власта.

Премиерот Мохамад Гази ал Џалали изјави дека останува во Дамаск и е подготвен за соработка со опозицијата за функционирање на јавните институции. ссм/

фото: архива

Остани поврзан