• сабота, 05 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Авганистански и пакистански војници разменија оган на граничниот премин Торкам, има жртви на двете страни

Авганистански и пакистански војници разменија оган на граничниот премин Торкам, има жртви на двете страни

Исламабад/Кабул, 3 март 2025 (МИА) -  Пакистански и авганистански војници си размениле меѓусебен оган на граничен премин што е затворен повеќе од една недела поради спор меѓу двете соседни земји, соопштија денеска официјални лица.

Министерството за внатрешни работи на Авганистан соопшти дека еден припадник на авганистанската армија загинал, а друг е повреден во инцидентот на преминот Торкам, што е затворен веќе 11 дена поради приговорот на Пакистан за изградба на нови гранични премини организирани од Авганистан.

И двете земји во минатото ги затвораа граничните премини Торкам и Чаман, најчесто поради судири меѓу војниците.

Премините се од витално значење за трговијата и патувањето меѓу Пакистан и Авганистан.

Пакистански официјален претставник изјави дека авганистанските талибанци „почнале да пукаат рано утринава, гаѓајќи ја пакистанската гранична станица“, на што и пакистанските војници возвратиле.

-Пакистанскиот персонал возврати со оган, рече официјалниот претставник.

Портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи Абдул Матин Кани рече дека Пакистан го иницирал насилството и авганистанската гранична полиција се обидела да го реши проблемот преку дијалог.

-Но, тие (Пакистан) продолжија да се борат и нашите безбедносни сили преминаа во одбранбен режим и возвратија со оган, рече Кани.

Кани додаде дека и Пакистан, исто така, претрпел жртви, без да даде бројка или штета на граничните премини.

Во меѓувреме, илјадници камиони и возила се заглавени од двете страни на преминот Торкам. сд/

Остани поврзан