• сабота, 23 ноември 2024

„Аваз“ за одложеното изјаснување за Резолуцијата за Сребреница - дипломатската борба продолжува

„Аваз“ за одложеното изјаснување за Резолуцијата за Сребреница - дипломатската борба продолжува

Сараево, 27 април 2024 (МИА) - Изјаснувањето на Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата за Сребреница е пролонгирано за неколку дена, со цел да се остави доволно време земјите-членки да ги достават своите предлози за можни корекции на текстот, пишува сараевски „Дневни Аваз“.

Како што изјави за „Аваз“ амбасадорот на БиХ во ОН Златко Лагумџија, текстот на документот е испратен на ревизија, седницата на Генералното собрание ќе се одржи по 6 мај, а точниот датум и време треба да се знае во вторник.

- Ова е вообичаен процес, особено кога станува збор за Генералното собрание, изјави за „Аваз“ Ивица Пуљиќ, долгогодишен новинар и дописник на „Ал Џезира“ од Вашингтон.

- Се тргнува од еден текст, кој постојано се менува, нешто се додава, скратува, бидејќи за некои членки на ОН содржината е еден вид света книга. Понекогаш се чини сосема нелогично зошто нешто им пречи или недостасува, но таков е дипломатскиот јазик. Во четвртокот текстот требаше да добие конечна рамка, но тоа не се случи бидејќи имаше повеќе предлози. Мојот извор вели дека имало и добри и лоши, но не е се подготвено за конечната форма - вели Пуљиќ.

На одложувањето на седницата влијаеле и обврските на поединечни дипломати, како на пример германскиот амбасадор кој го иницираше усвојувањето на резолуцијата, а кој ќе треба да биде во Берлин на 2 мај. Така силната дипломатска борба во Њујорк ќе продолжи уште неколку дена, наведува Аваз.

- Секако дека има влијание и оваа што го прави Србија, преку Русија, пред сè. Тука нема дипломатија, сето тоа е сила. Воведоа еден вид конфузија, затоа што имате земји кои не разбираат што се случи во Сребреница, млади дипломати кои не се свесни дека тоа е геноцид и сега сè треба да им се објасни. Мислам дека е добра одлука ова малку да се одложи, истакнува Пуљиќ.

Од друга страна, Србија го смета за дипломатски успех одложувањето на гласањето за предлог-резолуцијата за Сребреница, најавено за 2 мај, јави РТС.

Со Резолуцијата за Сребреница се бара 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.

Шведска и Канада се новите ко-спонзори на резолуцијата „Меѓународен ден на рафлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница 1995 година“, а на листата на спонзори, заедно со БиХ, Германија и Руанда како иницијатори, се и Чиле, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Јордан, Лихтенштајн, Литванија, Малезија, Холандија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Словенија, Турција, Велика Британија, Вануату и САД. ссм/

фото:архива

Остани поврзан