• петок, 27 декември 2024

АБНА-СЕ: Акцијата на египетските безбедносни сили е длабоко загрижувачка и неоправдана

АБНА-СЕ: Акцијата на египетските безбедносни сили е длабоко загрижувачка и неоправдана
Тирана, 16 јануари 2020 (МИА) - Асоцијацијата на балканските новински агенции - Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ) денеска изрази поддршка за турската новинска агенција Анадолија и за нејзините вработени. - Сметаме дека рацијата што се случи во канцелариите на Анадолија во Каиро од страна на египетските безбедносни сили е длабоко загрижувачка и неоправдана. Ваквиот флагрантен потег му штети директно на слободата на медиумите и на новинарската заедница воопшто, се наведува во соопштението на АБНА-СЕ. Асоцијацијата бара итно ослободување на новинарите. - Апелираме до египетските власти да постапат во согласност со воспоставените правила и законите за медиуми. АБНА-СЕ ќе продолжи да ги поддржува нејзините членови. Ние нема да толерираме потези што директно го загрозува нашето право на слобода говор и нашите демократски вредности, се посочува во соопштението. Претходно, Европската алијанса за новински агенции остро го осуди нападот на египетските безбедносни сили врз канцелариите на турската државна новинска агенција Анадолија во Каиро. Анадолија побара од египетските власти веднаш да ги ослободат вработените, кои беа приведени од страна на египетските безбедносни сили во вторникот од канцеларијата на агенцијата во Каиро. Управата на Анадолија објави писмено соопштение за приведувањето на четворицата вработени по упадот на египетската полиција во дописништвото во Каиро. - Како една од најмоќните новински агенции во светот, Анадолија покажа професионално медиумско разбирање, а во текот на пренесувањето на настаните од Египет ги почитувала тие критериуми, внимавала на одразување различни гледни точки и немала некоја негативна или измамничка тенденција“, се наведува во соопштението од Анадолија. Исто така се посочува дека Анадолија работи за зајакнување на пријателските односи меѓу египетскиот и турскиот народ, далеку од сите политички несогласувања. - Анадолија нагласува дека нејзината екипа во Каиро ги поседува карактеристиките на објективност и професионализам и не извршила какво било прекршување во работата. Анадолија бара од египетските власти итно ослободување на Хилми Балџи, Хусеин ел Кабани, Хусеин ел Абас и Абделселам Мухамед, се додава во соопштението од турската новинска агенција. Египетската полиција на 14 јануари изврши упад во дописништвото на Анадолија во Каиро и приведе четворица вработени, меѓу кои и еден државјанин на Турција, и ги одведе во непознат правец. Полицијата при упадот ги изгаснала безбедносните камери и ја прекинала интернет-врската. Безбедносните сили вршеле претрес до утринските часови, ги зеле пасошите на вработените, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат. Досега, египетските институции не објаснија зошто се приведени новинарите и каде се однесени, без оглед на барањата за одговор од адвокатите на Анадолија и од турската Амбасада во Каиро. Турското Министерство за надворешни работи повика на итно ослободување на персоналот на агенцијата и го оцени упадот како чин на насилство и индикатор за негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите. ми/

Остани поврзан