Абдиџику ја одби поканата на Курти за консултативен состанок за формирање на косовските институции
- „Во политиката, како и во животот, зборовите имаат тежина. Тие се одраз на карактерот, вредностите и целите. Колку и да веруваме во дијалог, соработка и човечка и политичка комуникација – таква средба, дури и консултативна, би била фатална повреда на човечкото и политичкото достоинство“, напиша тој.

Приштина, 9 април 2025 (МИА) - Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Љумир Абдиџику, ја одби поканата на претседателот на „Самоопределување“ и вршител на должноста премиер Албин Курти, за консултативна средба пред конститутивната седница на косовскиот Парламент, што ќе се одржи на 15 април.
Во долга објава на Фејсбук Абдиџику истакна дека зборовите и политичките ставови што „Самоопределување“ ги искажувала кон ДСК низ годините се неспоиви со овој тип на комуникација.
„Во политиката, како и во животот, зборовите имаат тежина. Тие се одраз на карактерот, вредностите и целите. Колку и да веруваме во дијалог, соработка и човечка и политичка комуникација – таква средба, дури и консултативна, би била фатална повреда на човечкото и политичкото достоинство“, напиша тој.
Абдиџику ја обвини „Самоопределување“ дека употребува јазик на поделба, навреди и етикетирања кон ДСК, нејзините членови и гласачи „со месеци, всушност со години - пред, за време и по кампањата“.
Меѓу навредите, лидерот на ДСК спомена и изрази како „будали“, „соработници на Србија“ и „гушење на ДСК“.
Среде големата бара од плуканици против нас - јас, ДСК и нашите гласачи - не можеме да се најдеме ни на консултација“, додаде тој.
Претседателот на ДСК истакна дека партијата што ја предводи останува верна на своите принципи и нема да прифаќа сугестии од никого за тоа како треба да постапи.
„ДСК - да разјасниме - останува верен на своите одлуки, верувања и зборови кажани пред кампањата, за време на кампањата и по кампањата. На сите - исто“, нагласи Абџику.
Тој потврди дека ДСК нема да се меша во процесот на конституирање на собранието на 15 април и го признава легитимното и уставно право на првата партија да формира влада.
„Во случај на неуспех, ДСК го признава правото на секоја друга партија да изгради парламентарно мнозинство. Нашите позиции се јасни“, напиша тој.
Курти вчера во писмо до Абдиџику повика на консултации за формирање институции.
Вршителот на должноста претседател на Собранието, Гљаук Коњуфца, денеска призна дека без коалиција тешко ќе оди формирањето влада на „Самоопределување“.сд/
фото:МИА архива