• среда, 13 ноември 2024

Абас ги прекина контактите со Израел, Гутереш загрижен, САД го бранат правото на Израел

Абас ги прекина контактите со Израел, Гутереш загрижен, САД го бранат правото на Израел

Рамала, 4 јули 2023 (МИА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера ги прекина контактите и безбедносната координација со Израел откако израелските сили ја почнаа големата офанзива против милитантите во градот Џенин, на Западниот Брег, се наведува во соопштението на неговата канцеларија.

Одлуката е донесена откако Абас одржа состанок со другите лидери на Палестинската управа.

Абас во минатото неколку пати привремено ја прекинуваше соработката со Израел за време на претходните рунди на насилство.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, истовремено, изрази длабока загриженост за настаните во градот Џенин, на Западниот брег, изјави неговиот портпарол, откако израелските сили го нападнаа Џенин со беспилотни летала, во најголемата операција во областа во последните 20 години. Во нападите загинаа најмалку девет Палестинци, а околу 100 се повредени.

-Гутереш нагласува дека сите воени операции мора да бидат преземени со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право, изјави заменик портпаролот Фархан Хак.

Израелската војска вчераутро почна голема операција која ја опиша како антитерористички напор чија цел е уништување на инфраструктурата и спречување на милитантите да го користат бегалскиот камп во Џенин како своја база за напади врз Израел.

Вашингтон го поддржува „правото“ на Израел да се „одбрани“ и повикува на заштита на цивилите

САД веруваат дека Израел имал „право да го брани своето население“ од исламистичките милитанти, но повикуваат на заштита на цивилите, по вчерашната израелска воена операција.

-Ја поддржуваме безбедноста на Израел и неговото право да го брани својот народ од Хамас, палестинскиот исламски џихад и другите терористички групи, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.

„Императив е да се преземат сите можни мерки на претпазливост за да се избегне смртта на цивили“, додаде портпаролот.

Вашингтон, главниот сојузник на Израел, исто така повика на обнова на безбедносната соработка меѓу еврејската држава и палестинската управа. сд/

 

фото:архива

Остани поврзан