• среда, 25 декември 2024

Абас: Газа е уништена, одговорни се и САД

Абас: Газа е уништена, одговорни се и САД

Рамала, 8 декември 2023 (МИА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изјави дека меѓународната мировна конференција е неопходна за да се стави крај на војната во Газа и да се најде трајно политичко решение што ќе доведе до формирање на палестинска држава.

Абас рече дека „конфликтот меѓу Израел и Палестинците воопшто достигнал алармантна фаза која бара меѓународна конференција и гаранции од светските сили“.

-Јас сум за мирен отпор. Јас сум за преговори засновани на меѓународна мировна конференција и под меѓународно покровителство што би довело до решение под заштита на светските сили за формирање на суверена палестинска држава во Појасот Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим, нагласи тој.

Абас рече дека врз основа на обврзувачки меѓународен договор, тој ќе ја оживее ослабената палестинска управа, ќе ги спроведе долгоочекуваните реформи и ќе одржи претседателски и парламентарни избори. Тој додаде дека палестинската управа се придржувала до сите мировни договори потпишани со Израел, од Договорот од Осло од 1993 година до другите, но дека Израел ги прекршил своите ветувања за ставање крај на окупацијата.

-Кој и да победи - победи, ова ќе бидат демократски избори, рече тој на прашањето дали ќе ризикува да ги одржи изборите со оглед на можноста Хамас да победи како во 2006 година.

Абас не претстави конкретна визија за повоениот план за кој се разговараше со американските претставници. Според тој план, палестинската управа ќе ја преземе контролата врз Појасот Газа, дом на 2,3 милиони луѓе.

-Газа денес не е Газа како што ја знаете. Газа е уништена. Нејзините болници, училишта, инфраструктура, згради, патишта и џамии се уништени. Не остана ништо. Кога ќе се вратиме, ќе ни требаат ресурси, на Газа и треба реконструкција, рече Абас и ги повика САД да бидат одговорни за она што се случува во енклавата.

Тоа, според него, е единствената сила способна да му нареди на Израел да ја прекине војната и да ги исполни своите обврски.

-За жал не го прави тоа. Америка е соучесник на Израел, заклучи Абас. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан