Абас бара „решителен одговор“ од САД и меѓународната заедница по усвоените мерки на Израел за Западен Брег
- Таквите сериозни прекршувања бараат решителен одговор од американската администрација и меѓународната заедница, бидејќи тие ги попречуваат напорите на претседателот (Доналд) Трамп и претставуваат кршење на меѓународното право, истакна Абас
Осло, 11 февруари 2026 (МИА) – Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска упати апел до САД и меѓународната заедница „решително да реагираат“ на одлуката на Израел за поголема контрола над Западен Брег.
- Таквите сериозни прекршувања бараат решителен одговор од американската администрација и меѓународната заедница, бидејќи тие ги попречуваат напорите на претседателот (Доналд) Трамп и претставуваат кршење на меѓународното право, истакна Абас на заедничката прес-конференција со норвешкиот премиер Јунас Гар Сторе во Осло.
Израелскиот кабинет за безбедност на 8 февруари одобри мерки што му овозможуваат на Израел да ја прошири својата контрола врз областите што ги администрира Палестинската самоуправа според договорите од Осло од 90-тите години од минатиот век.
Новите мерки го олеснуваат купувањето земјиште на еврејските доселеници, поништувајќи го законот што со децении им забрануваше на Евреите директно да купуваат земјиште на Западниот Брег, окупиран од Израел од 1967 година. Тие, исто така, му дозволуваат на Израел да управува со одредени места за богослужба, дури и ако тие се наоѓаат во области под контрола на Палестинската самоуправа. Покрај Источен Ерусалим, кој е окупиран и анектиран од Израел, на Западниот Брег живеат речиси три милиони Палестинци, заедно со уште 500.000 еврејски доселеници кои се населиле во населби кои се сметаат за нелегални според меѓународното право. ми/
фото: МИА архива