• сабота, 09 ноември 2024

Абази: Да се истражи дали тендерите кои ги добила фирмата „Ритрон копи“ од Куманово се последица на политичко влијание

Абази: Да се истражи дали тендерите кои ги добила фирмата „Ритрон копи“ од Куманово се последица на политичко влијание

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Фирмата „Ритрон копи“ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово, чиј сопственик е внук на пратеникот на т.н. Европски фронт Елми Азири, во период од само една година, од државни институции наплатила вкупен износ од 7 милиони денари. Речиси во сите државни институции во тој период, раководители се кадри на Артан Груби и ДУИ. Сега стана јасно зошто пратеникот Елми Азири беше еден од најгласните поддржувачи на коалицијата на Зијадин Села со Али Ахмети, соопшти на денешната прес-конференција Бујаре Абази од Коалицијата „Вреди“. 

Абази ги повика Антикорупциската комисија, Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство да проверат дали пратеникот Елми Азири во анкетниот лист пријавил дека фирмата на внукот на неговата сопруга е потенцијална околност за конфликт на интереси.

- Дали пратеникот Елми Азири во периодот од јуни 2021 до октомври 2022 или потоа го зголемил својот или имотот на неговата сопруга? Да истражат дали тендерите кои ги добила фирмата РИТРОН КОПИ ДООЕЛ, увоз-извоз од Куманово се последица на политичко влијание остварено од пратеникот Елми Азири? Очекуваме институциите да делуваат во разумен рок и им се ставаме на целосно располагање за дополнителни информации кои сметаат дека ќе им помогнат во ефикасно расчистување на ова досие, нагласи Абази.

Таа најави дека ќе продолжат понатаму со објавување на, како што рече, основани сомневања за политичка корупција во режија на кадрите на Али Ахмети и Зијадин Села. мд/лв/

Фото: Принтскрин 

Остани поврзан