• среда, 25 декември 2024

 „Инкубација на песната“ од Маја Којчева-Величкова промовирана во Неготино

 „Инкубација на песната“ од Маја Којчева-Величкова промовирана во Неготино
Неготино, 23 септември 2020 (МИА) - Во Неготино вечерва беше промовирана збирката поезија  „Инкубација на песната“ од Маја Којчева-Величкова. Книгата е издадена под покровителство на Министерството за култура во рамки на годишната програма за култура за 2020 година. Изданието финансиски е поддржано од издавачот ,,Ројал арт”. Професорката Весна Мојсова-Чепишевска рече дека оваа збирка е бележник на времето и тоа во три етапи. Првата од 2010 до 2013, втората од 2014 до 2017 и третата од 2017 до 2020 година. - Ако во детството се водат интимни дневници, а мислам дека сите сме воделе такви интимни дневници, тогаш овие бележници се поетски дневници на пораснатата Маја или на некоја нова голема мајка, нагласи меѓу другото Мојсова-Чепишевска. Директорката на Центарот за култура, Роска Илиева  посака што повеќе вакви случувања во градот, истакнувајќи ја поддршката што ја даваат за разни културни збиднувања. Вечерта беше збогатена со читање на стихови од новата збирка и музички дел. - Знаеме дека вирусот веќе е наше секојдневие, но не пеев јас за таков вирус, но ете се поклопи некако со насловот на мојата збирка. Се надевам дека и понатаму ќе продолжам да пишувам и дека и натаму ќе инкубира песната која треба да расте и да се развива, да се пренесува тоа духовно богатство. Се надевам дека овие стихови ќе станат и дел од вас, ќе ги прочитате и  ќе бидете заразени од вирусот на моите песни, рече авторката. Маја Којчева-Величкова е родена во 1983 година и живее во Неготино. Од најмали години омилени ѝ се „игрите со зборот“, па како резултат на тоа во 2002 година ја објавува својата прва збирка поезија „Блесокот на сончевината“, чии рецензенти се писателите Томе и Тамара Арсовски. Со нејзината втора збирка „Јас vol. 2 – Мравка“ (2010) каде рецензенти се проф. Весна Мојсова-Чепишевска и проф. Јасна Котеска, влезе во потесниот круг за добивање на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2011 година. Таа беше дел и од литературно читање на млади автори во Друштвото на писателите на Македонија (ноември, 2011), а нејзина поезија е застапена и во алманахот на поетскиот клуб „Мугри“ (2004, 2005, 2006), во литературното списание „Стожер“, „Акт“, „Ш“, „Синтези“, „Бранувања“, како и на веб-страницата на меѓународното Движење 100 000 поети за промена и Движењето за мир. Авторката е застапена и во Антологијата на најмладата македонска поезија „Ветерот носи убаво време“ (2012,  како и во Антологијата на авангардна поезија (2013). Добитник е на неколку литературни награди и признанија меѓу кои и наградата „Илинденска повелба“ за литературно творештво. свд/оџ/

Остани поврзан